Новости

Свет

По Индија, Африка е потенцијално жариште на ковид-19

Индија продолжува да се соочува со црната статистика на починати и новозаболени лица од ковид-19. Во земјата се регистрирани 368.147 нови случаи на заразени од коронавирус, со што вкупниот број е зголемен на околу 20 милиони, соопштија властите. Во меѓувреме, пристигна и новата меѓународна помош во Индија за да се намали недостигот од кислород и медицински материјали, а британската влада соопшти дека ќе испрати дополнителни 1.000 вентилатори. Во текот на изминатата недела, Индија забележа 2,6 милиони нови случаи и речиси 23.800 смртни случаи, со што вкупните жртви од вирусот се зголемија на околу 215.000 лица. Владата на премиерот Нарендра Моди се спротивстави на наметнувањето национална блокада, но многу држави воведоа свои ограничувања.

Светот се соочува со нова опасност од неконтролирано ширење на епидемијата на коронавирусот во земјите од Јужна Азија. Здравствената состојба е загрижувачка и во Непал и во Шри Ланка, во кои има експлозија на нови случаи. Се чувствува недостиг од болнички кревети, кислород и медицински материјали. Во меѓувреме, Пакистан доживува и трет бран. Тамошните власти одлучија на 2 мај привремено да го ограничат влезот на границите со Авганистан и Иран од полноќ на 4 мај до 20 мај.

Светските медиуми предупредуваат дека Африка може да биде новото жариште на коронавирусот како што сега е Индија. Африканскиот континент досега го избегнуваше најлошото сценарио во пандемијата на ковид-19. Но кон крајот на април, во Африка се регистрирани 76 илјади заболени лица, додека Индија имаше по 400 илјади заболени во еден ден (30 април). Повеќето земји на континентот поминаа низ вториот бран на пандемијата, а некои земји, како Кенија, Египет и Тунис, се соочија и со третиот бран. Епидемиолозите веруваат дека ширењето на новите видови на коронавирусот во Африка придонело за зголемување на бројот на новоинфицирани и на смртни случаи, кои се забележани во многу земји во Африка, пишува Би-би-си.

Постои загриженост дека новите видови на вирусот не можат да се следат бидејќи недостигаат тестови за нивна лесна идентификација. Новиот вид на вирусот, кој се појави во Јужна Африка минатата година, доведе до зголемен број пациенти во Јужноафриканскиот Регион, посочуваат од Светската здравствена организација.
Африканскиот континент, кој има приближен број жители како и Индија и поседува слаб здравствен систем, мора да биде подготвен на слично сценарио како и во Индија.
– Тоа што се случува во Индија не може да биде игнорирано на нашиот континент. Немаме доволно медицински работници, немаме доволно кислород – изјави Џон Нкенгасонг, директор на Центарот за контрола и превенција на болести во Африка, пренесува „Асошиејтед прес“.

Само 17 милиони дози вакцини биле администрирани во Африка, која има 1,3 милијарда жители. Светската здравствена организација во март предупреди дека на Африка ѝ се доделени само два отсто од вакцините што биле распределени во светот, а континентот е оставен на крајот на процесот на имунизација. Набавката на вакцини во голема мера се потпира на Индија. Преку нејзиниот национален институт се дистрибуираат вакцините од „Астра Зенека“ преку програмата „Ковакс“, која се однесува на донации за земјите со ниски и средни приходи. Индиската забрана за извоз на вакцини сериозно влијаеше на предвидливоста на воведувањето на програмата за вакцинација и таа ќе се прави следните недели, а можеби и месеци, пренесува Радио Слободна Европа.
Фиона Атухембе од СЗО го нарече доцнењето во испораката на вакцините „пораз за сите“ и предупреди дека голем број африкански земји што ги добиле првите дози вакцини преку програмата „Ковакс“ ќе бидат соочени со празен простор додека ја дочекаат втората доза во мај или јуни.

Пример за слабата вакцинација е тоа што во Јужна Африка се вакцинирани 300 илјади медицински работници од вкупно 1,2 милион луѓе, кои се вработени во здравствениот сектор. Потребата од зголемување на ресурсите во Африка доаѓаат во моментот кога се побрутални економските последици од пандемијата на овој континент, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Студиите покажуваат дека милиони луѓе ќе бидат ставени во сиромаштија, иако аналитичарите предвидуваат стабилен економски раст на континентот во 2021 година. Пред пандемијата, Африка, гледано во светски рамки, имаше втор брзорастечки сектор на туризам, кој создаваше 8,5 отсто од бруто-домашниот производ на континентот и вработуваше 24 милиони луѓе. Прогнозите се дека и во најоптимистичко сценарио е потребно две години да се врати поранешниот број на странски туристи во Африка. Но бавниот процес на вакцинација ќе предизвика дополнителни последици, а новиот бран на инфекциите ќе донесе и поголем број смртни случаи и поголема економска штета за континентот.

GOLD
To Top