Новости

Свет

Продолжуваат ракетните напади од Газа

Палестинските милитанти и израелските сили на Блискиот исток влегуваат во втората недела од вооружениот конфликт.

Радикалниот Хамас и израелската армија ноќеска повторно ракетираше цели во Израел и во Појасот Газа.Во жестокото бомбардирање повторно загинаа десетици Палестинци.

Израелската армија ноќеска испука десетина ракети на Појасот Газа, соопштувајќи дека гаѓала „терористички цели.

Уништени се куќите на деветмина високи офицери на радикалниот Хамас кои биле користени и како магацини за муниција. Како што се наведува, тоа била реакција на ракетирањето на израелските градови Бершеба и Ашелон околу полноќ. Додека вчера Советот за безбедност го одржуваше својот прв јавен состанок, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека „израелската кампања против Хамас продолжува со полна сила”.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека Обединетите нации „активно ги ангажираат сите страни со цел прекин на огнот” и ги повика „да овозможат интензивирање и успех на мировните напори”.

САД, пак, испратија пратеник во регионот, а претседателот Џо Бајден разговараше во саботата со Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас. Претставникот на ОН за Блискиот исток, Тор Венесленд ја повика меѓународната заедница „да преземе итни мерки“. Напорите на Египет, Катар и Обединетите нации за примирје досега не дадоа знаци за напредок.

Од почетокот на ескалацијата на судирите во минатиот понеделник, во Газа се убиени најмалку 148 лица, од кои 41 дете, додека Израел пријави десет мртви, меѓу кои и 2 деца.

.Израелското Министерство за одбрана соопшти дека до сега 450 проектили се урнале во Газа, а 1.210 проектили биле пресретнати од системот за противвоздушна одбрана „Железна завеса”. Хамас и Исламски џихад во изминатите седум дена од Газа истрелаа 3.100 ракети. Тоа е најголемото ракетирање со кое Израел се сретнал во својата историја. Израелски либерали се убедени дека мирот изминатите две години бил подготовка за нова војна, која не ја сакаат ни Израелците, а уште помалку Палестинците, но која може да им биде од политичка полза за екстремистите на двете страни, особено на израелскиот премиер.

GOLD
To Top