Новости

Свет

Путин подготвува економски удар врз „непријателските земји“

Рускиот претседател Владимир Путин наложил формирање работна група за меѓународни плаќања чија задача ќе биде утврдување на условите за трансакции со „непријателските држави“, јавува Ројтерс.

Путин во март кажа дека Русија, најголемиот светски произведувач на природен гас, ќе бара од земјите кои ги смета за непријателски да ги плаќаат горивата во рубли со отворање сметки во руски банки.

Полска и Бугарија одбија да го направат тоа, а рускиот енергетски џин Газпром им го прекина снабдувањето минатиот месец. Кремљ порача дека тоа ќе му се случи на секој друг кој ќе ги одбие новите услови на плаќање.

Работната група треба да осмисли „инфраструктура за меѓународни плаќања, вклучувајќи во руски рубли, со трговските партнери од странски држави и територии кои спроведуваат непријателски акции против Русија“, се наведува.

Исто така ќе се разгледаат условите за плаќање во рубли и други национални валути со пријателските земји, меѓу кои се Кина и Индија, иако не се именувани. Групата, која ќе ја предводи претседателскиот советник Максим Орешкин, има задача и да најде мерки за намалување на ризиците поврзани со замрзнувањето на речиси половина од руските девизни резерви од 640 милијарди долари.

Евротип
SNBROKER
To Top