Новости

Свет

САД, Велика Британија и ЕУ ќе ги објават новите санкции против Русија

САД денеска ќе објават нови санкции против Русија како одговор на одлуката на Москва да ги признае самопрогласените републики во источна Украина и таму да испрати „мировници“, соопшти Белата куќа.

„Планираме да објавиме нови санкции против Русија во вторник како одговор на одлуките и активностите на Москва“, изјави портпарол на Белата куќа. Тој додаде дека САД се координираат со сојузниците и партнерите во врска со тој чекор.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, вчера потпиша указ за признавање на самопрогласените Луганска Народна Република и Доњецка Народна Република.

И Велика Британија денеска ќе објави нови санкции против Русија, најави синоќа британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, откако рускиот претседател Владимир Путин призна два проруски сепаратистички региони во Украина како независни држави.

„Утре ќе објавиме нови санкции против Русија како одговор на нејзиното кршење на меѓународното право и нападот врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, објави Трас на Твитер.

Белата куќа објави дека американскиот претседател Џофез Бајден планира да издаде наредба за забрана на какви било нови американски инвестиции, размена или финансирање во Доњецк и Луганск, проруски области во источна Украина.

Државите од Европската унија се согласија да воведат ограничен пакет санкции кон Русија откако Москва ја призна независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луганск, изјави холандскиот премиер Марк Руте.

„Се договоривме да воведеме ограничен пакет санкции, што ќе бидат насочени кон одговорните за таа одлука“, изјави Руте во интервју за холандската телевизија.

Тој додаде дека денеска се очекуваат детали за таа одлука. /МИА/.

Евротип
SNBROKER
To Top