Новости

Свет

САД ја одобри вакцината на Фајзер, почнува масовната вакцинација

Федералната администрација за храна и лекови на САД (ФДА) објави дека одобрила употреба на вакцината на Pfizer против ковид-19, а првите вакцинации се очекуваат за неколку дена, што би требало да значи пресвртна точка во САД.

ФДА издаде итна дозвола за употреба на вакцината развиена од „Фајзер“ со германскиот партнер „БиоНТех“, што покажа 95 проценти ефикасност во спречувањето на короната.

Агенцијата објави дека вакцината може да се дава на лица на возраст од 16 години и постари. Здравствените работници и старите лица во установите за долготрајна нега се очекува да бидат главните приматели на првата транша од 2,9 милиони дози.

“Првата вакцинација ќе се изврши за помалку од 24 часа. Горд сум што можам да кажам дека обезбедивме бесплатна вакцина за сите Американци”, рече американскиот претседател Доналд Трамп во видеото објавено на Твитер.

Владата на САД објави дека ќе започне со дистрибуција на вакцината на национално ниво веднаш по одобрувањето на ФДА и дека првите вакцинации ќе започнат на почетокот на следната недела.

Милиони Американци би можеле да се вакцинираат уште во декември, особено ако наскоро се одобри и вакцината на Модерна.

Вакцината Фајзер за прв пат е одобрена во Велика Британија на почетокот на овој месец, а Британците започнаа вакцинирање во вторникот.

GOLD
To Top