Новости

Свет

СЗО засега против „вакцинални пасоши“ како услови за патување

Светската здравствена организација соопшти дека засега е против воведување сертификати за вакцинација против Ковид-19, таканаречени „вакцинални пасоши“ како услов за патување во други држави.

Неколку држави досега најавија дека се заинтересирани да почнат да издаваат вакви сертификати, меѓу нив и Шпанија, Белгија, Исланд, Естонија и Данска.

„И понатаму има толку многу непознаници во врска со ефективноста на вакцините во намалување на пренесување на вирусот, а вакцините и понатаму се достапни само во ограничени количини“, велат од СЗО.

Полска во четвртокот стана последната земја од Европа која најави издавање на вакви вакцинални пасоши. Заменик министерката за здравство, Ана Голавска, рече дека жителите на земјата ќе можат да добијат некаква потврда, во форма на QR код кој ќе можат да го преземат на своите телефони откако ќе ја добијат втората доза на вакцината против коронавирусот. Кодот потоа ќе овозможува на корисниците да „користат права кои ќе им бидат овозможени на вакцинираните лица“.

Минатата недела Данска најави дека работат на вакцинален сертификат со цел да се олабават рестрикциите во патувањето и слободата на движење.

Етичките дилеми околу ваквите вакцинални пасоши се предмет на дебата. Британскиот Универзитет од Ексетер објави студија за тоа како овој сертификат може да се одрази на човековите права.

„Дигиталните здравствени пасоши можат да придонесат за долгорочното менаџирање на пандемијата со Ковид-19. Сепак, тие отвораат суштински прашања за заштитата на човековите права и приватноста на податоците“, изјавила за Еуроњуз Ана Бедуши, професорка по право и еден од авторите на студијата.

Таа смета дека обврската за покажување здравствени податоци за да се пристапи до одредени јавни или приватни простори значително ќе ги маргинализира луѓето и ќе ги ограничи нивните слободи.

„Може да се тврди дека ваквите мерки можат да ги заштитат слободите на оние кои го немаат вирусот или кои се вакцинирани. Сепак, доколку некои луѓе не можат да добијат пристап до тестови за Ковид-19 или до вакцините, тие нема да може да го докажат нивниот здравствен статус, па така „де факто“ ќе бидат ограничени нивните слободи“, додава таа.

Истовремено, на вчерашната пресконференција, од СЗО повикаа вакцинирањето против Ковид-19 да почне во сите земји од светот.

„Сакам да видам како вакцинирањето започнува во сите земји во следните 100 дена, со тоа што здравствените работници и оние кои се со повисок ризик да бидат први заштитени“, изјави Тедрос Аданом Гебрехесус, претседателот на СЗО.

Засега вакцинирањето започна само во поразвиените светски земји.

GOLD
To Top