Новости

Свет

СЗО : Речиси третина од примероците на Ковид-19 покажуваат мутација, но не и потешка форма на болест

Речиси 30 проценти од геномот на вирусот, предизвикувачкиот агенс на ковид-19, собрани од Светската здравствена организација (СЗО) имаат знаци на мутација, но нема докази дека довеле до потешка форма на болеста, изјави официјален претставник.
„Мислам дека е доста распространет“, рече Сума Сваминанат, главен научник на СЗО, за Ројтерс на маргините на конференцијата на Здружението на новинари (АКАНУ) на ООН во Женева.

СЗО собрала 60.000 примероци на вирусот досега, рече таа.

Научниците од истражувачкиот центар „Скрипс“ овој месец откриле дека до април 65% од случаите во светот имале мутирани вируси.

Генетска мутација во новиот коронавирус, со ознака D614G, значително ја зголемува неговата способност да зарази клетки и може да се објасни зошто болеста се шири побрзо во северна Италија и Њујорк отколку порано за време на пандемијата, се наведува во студијата.

Марија Ван Керхове, епидемиолог од СЗО, на денешниот брифинг рече дека мутираниот вирус е идентификуван уште во февруари и циркулирал во Европа и Америка.

„Засега нема докази дека ова води кон потешка форма на болеста“, рече таа.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Габриезус, рече дека организацијата наскоро треба да ги добие резултатите од клиничките испитувања на лековите кои би можеле да бидат ефективни во лекувањето на ковид-19.

„Скоро 5.500 пациенти во 39 земји во моментот се вклучени во испитувањата“, рече тој на конференцијата, осврнувајќи се на клиничките испитувања што ги води агенцијата на ООН.

Тој рече дека СЗО ги очекува резултатите од спроведените тестови во наредните две недели.

Мајк Рајан, шеф на програмата на СЗО, оцени дека не би било паметно да се предвиди кога вакцината за ковид-19 би можела да биде готова.

Додека развивањето вакцини може да биде ефикасно до крајот на годината, прашање е колку брзо би можело да започне масовното производство, изјави тој пред новинарите на АКАНУ во Женева.

Во моментов нема докажана вакцина против болеста, но 18 потенцијални кандидати во моментот се тестираат на луѓе.

kanal5.com.mk

GOLD
To Top