Новости

Свет

Таџ Махал е повторно отворен за туристи

Индискиот светски познат и монументален Таџ Махал повторно се отвора за јавноста, додека земјата, сè уште среде втор бран пандемија, брза да ги укине ограничувањата во обид да ја заживее економијата.

Легендарниот споменик на светско културно наследство од 17 век, изградено од могулскиот цар Шах Џахан во северниот град Агра, беше затворен на почетокот на април, бидејќи Индија воведе строги мерки за затворање за да се спречи наглиот пораст на инфекции со коронавирус, поради кој сè уште секојдневно умираат илјадници.

Само 650 туристи ќе можат да влезат во Таџ Махал дневно, изјави Прабху Синг, окружен судија во Агра. Споменикот од бел мермер обично го посетуваат седум до осум милиони луѓе годишно, или во просек повеќе од 20.000 луѓе на ден.

Државата Утар Прадеш, каде се наоѓа Агра, пријави 270 новозаразени во текот на ноќта и 56 смртни случаи. Таа спаѓа меѓу најтешко погодените држави, според вкупниот број на случаи на зараза. Други сојузно заштитени споменици, вклучувајќи ги и Црвената тврдина и Кутуб Минар во Њу Делхи, исто така се отвораат за туристи, и покрај предупредувањата во втората најнаселена земја во светот дека повторните гужви во големите градови се закануваат со нов пораст на бројот заразени.

Индиските медиуми оваа недела известуваат за сообраќајни гужви и зголемување на бројот туристи на северната планинска станица Шимла, позната по своите сликовити погледи на завеаните со снег врвови на Хималаи, што дополнително го разгорува стравот од ширење на вирусот.

Индиското Министерство за здравство пријави повеќе од 62.224 новоинфицирани во текот на 24 часа, нешто повеќе од претходниот ден, но сепак е далеку под својот врв во мај од над 400.000 дневни инфекции. Вкупниот број на случаи на зараза во оваа јужноазиска земја сега изнесува 29,63 милиони, додека бројот на починати е 379.573, покажуваат податоците. Индија во текот на ноќта забележала 2.542 смртни случаи.

GOLD
To Top