Новости

Свет

Турција од вечерва го воведува првиот целосен карантин, ќе трае до 17 мај

Во Турција вечерва започнува првиот целосен карантин. Граѓаните се подготвуваат за мерките на ограничување; улиците се преполни, трговските центри се полни и сообраќајот е задушен.

Некои побрзаа до главната автобуска станица за да го напуштат Истанбул, додека други се обидуваат да складираат алкохол поради веста за делумна забрана за купување на такви производи.

Во истиот период минатата година, Турција беше пример за успешна приказна во борбата против пандемијата. Таа дури беше пофалена од Светската здравствена организација. Но, една година подоцна, оваа земја се најде меѓу најпогодените, со најголема стапка на инфекција во Европа.

Турските власти остануваат горди на релативно нискиот вкупен број на смртни случаи (околу 39 000) и веруваат дека пандемијата, благодарение на силниот здравствен систем, сè уште е под контрола. Но, големиот пораст на бројот на случаи е загрижувачки.

Минатиот ноември, Турција воведе втор сет на ограничувачки мерки, а во средината на февруари бројот на дневни случаи се намали на околу 6.000. Но, штом владата започна да ги олеснува мерките во март, нов бран ја погоди Турција.

Властите затоа воведоа нови мерки на почетокот на април, но тоа веќе не беше доволно за да се запре ширењето на инфекцијата. Во екот на овој бран во април, имало повеќе од 60.000 нови инфекции на ден и повеќе од 300 смртни случаи.

Експертите сметаат дека турските власти ги укиналњ ограничувачките мерки прерано и дека не ја спровеле програмата за вакцинација доволно брзо.

Досега повеќе од 22 милиони луѓе се вакцинирани во Турција, која има околу 82 милиони жители. Турција најмногу ја користи кинеската вакцина Синовак, со извесен број дози од вакцината Фајзер и рускиот Спутник.

„Ја забрзавме програмата за вакцинирање, ги користиме Синовац, Фајзер-Бионтех и Спутник V“, рече неодамна министерот за здравство Фахретин Коџа.

Експертите исто така ја критикуваат владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган за организирање преполни конгреси во март, додека многу социјални собири и јавни протести биле во исто време забранети.

Научниците исто така веруваат дека новите соеви на ковид-19, особено британскиот, ја забрзале стапката на инфекција.

Заклучувањето во Турција започнува вечерва во 19 часот и ќе трае до 17 мај, пишува Би-Би-Си.

Граѓаните ќе мора да останат дома, ќе им биде дозволено да го напуштаат домот само во случај на итен шопинг и итна медицинска помош. Доколку сака да го напушти градот, прво ќе мора да побара официјална дозвола.

Училиштата се затвораат, а јавниот превоз воведува ограничувања на капацитетот. Продажбата на алкохол ќе биде ограничена.

„Европа влегува во фаза на повторно отворање и треба брзо да го намалиме бројот на случаи на помалку од 5.000 на ден, за да не заостануваме“, рече Ердоган.

Минатата година Турција забележала пад од 70% на странските посетители. Туристичкиот сектор се надева дека блокирањето ќе резултира со намалување на бројот на инфекции и ќе доведе до повторно отворање на летната сезона.

Евротип
SNBROKER
To Top