Новости

Свет

Ураганот Николас со брзина од 120 километри на час му се заканува на Тексас: Ќе има поплави опасни по живот

Американскиот национален центар за урагани објави дека тропското невреме Николас го засили ураганот во понеделникот вечер и дека би можело да удри во крајбрежјето на Тексас и Луизијана со брзина од 120 километри на час.

Зголемувањето на нивото на морето и дождот кои следат од ураганот се закануваат со поплави кои ќе бидат опасни по живот.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот најави дека ќе прогласи вонредна состојба во 17 области и три градови додека спасувачките екипи во чамци и хеликоптери се подготвени.

Се очекува дека во некои делови на Тексас до среда ќе падне и половина метро дожд.

Николас е вториот ураган во две недели кој му се заканува на американското крајбрежје во Мексиканскиот залив, откако на крајот на август ураганот Ида ја разора Луизијана оставајќи зад себе 25 загинати лица.

“Сакаме да бидеме сигурни дека ова невреме нема да нѐ пречека неподготвени. Најголемата загриженост нѝ ја дава силниот дожд”, изјавил гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс предупредувајќи дека одводните системи и понатаму се нефункционални поради наносите кои ги предизвика ураганот Ида.

Градончалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер го повика 2,3 милионското население да остане во своите домови.

“Сфатете ја сериозно оваа ситуација и подгответе се. Не знаеме колку дожд ќе паѓа”, рекол Тарнер. Поради ураганот во Хјустон нема да работат ниту училиштата.

СН Брокер
To Top