Новости

Свет

(Видео) Повеќе од сто луѓе загинаа во експлозијата во Бејрут, околу 4.000 се повредени

Врховниот совет за одбрана на Либан го прогласи главниот град Бејрут за погоден од природна непогода и и предложи на Владата денеска да воведе вонредна состојба по силната експлозија во која загинаа повеќе од 100 лица, а се повредени повеќе од 4.000.

На итен состанок на Советот беше одлучено да се формира посебна комисија за да се истражи причината за експлозијата во пристаништето во централниот дел на Бејрут, а извештајот треба да се заврши за пет дена, пренесува агенцијата ТАСС.

Како што јавуваат локалните медиуми, во текот на ноќта Бејрут останал во мрак, а пожарникарите сè уште ги гаснат преостанатите пожари на местото на експлозијата. Облаци од црн чад и натаму се креваат кон небото.

Јавните служби почнаа да ги отстрануваат урнатините.

Делот од градот каде се случи експлозијата е уништен, а голем број згради се речиси целосно оштетени.

Министерот за здравство Хасан Хамид изјави дека болниците се полни со повредени лица, поради што и хотелите во центарот на Бејрут ќе примаат пациенти на кои не им е потребна операција.

Според податоците на германскиот геонаучен центар ГФЗ, експлозијата била еднаква на земјотрес со јачина од 3,5 степени, а се слушнала и подалеку од Кипар, на повеќе од 200 километри преку Медитеранот.

Либанскиот претседател Мишел Аун синоќа изјави дека е недозволиво 2.750 тони амонијак, за кој се претпоставува дека е причина за експлозијата во Бејрут, да се чува шест години без никакви безбедносни мерки.

Аун на Твитер побара одговорните за овој пропуст да бидат „строго казнети“.

Абас Ибрахим, шеф на државната безбедност на Либан, претходно изјави дека експлозијата е предизвикана од високо експлозивен материјал одземен од брод пред некое време и складиран во пристаништето.

Премиерот на Либан, Хасан Диаб синоќа изјави дека одговорните за големата експлозија во опасниот магацин во бејрутското пристаниште, ќе ја платат цената за тоа.

– Ветувам дека оваа катастрофа нема да помине без одговорност… Одговорните ќе ја платат цената, истакна Диаб.

Тој додаде дека магацинот се наоѓа во пристаништето од 2014 година, но оти нема да зборува за тоа, бидејќи истрагата за причините за експлозијата се во тек.

Извор: МИА

GOLD
To Top