Новости

Битолски трачарлуци

Алармантно! Згаснува коледарскиот оган…

Полека згаснува коледарскиот оган?!
Ние старееме и полека застарува традицијата или што? Се туркаат легенди и се пренесуваат традиции, но од уво на уво, некако се преобразуваат во нешто друго, несвојствено, за младиве генерации, за жал и небитно.
Некогаш…ех некогаш. Епа да ви кажам јас вам како било некогаш мои нови клинци. Колку шо јас се сеќавам деновите пред Нова Година и деновите пред Божиќ беа највеселите. Се живееше цела година за нив. Пред Нова Година сите китеа шарени елки или правеа сами ѕунѕурки од колажи и хамери оти немаше Џамбо и скапи џиџимиџарници кои продаваат некој наметнат тренд за задолжително украсување на наткасни, бироа, комоди со луксузни снешковци, дедо мраз овци, куќарки и бои кои епа баш и премногу коштаат. Новогодишниот ,,престиж” денес, се чувствува низ етерот, а се гледа по фотките на интернет оти сите се фалат колку тоа луксузно имаат украсено. Креативноста е аут, а некогаш беше и тоа како ин. Некои дури ја китат елката и од назад, па намерно ја местат пред огледало за да се чактиса и тој ,,rich bitch” детал ќе ве молам. Порано едвај се чекаше да се отворат новогодишните тезги во стариот Безистен.

Да се купат сијалички, балони и охх драги мои честитки. Вие не знаете што е тоа. Вие поим немате што значи рачно да пишуваш на секој одделно од класО новогодишна честитка која секогаш, ама баш секогаш гласеше:,,Среќна Нова Година. Здравје, среќа, љубов и успех во учењето. Улица слонче, број бомбонче”. Времето измеѓу Југославија и независноста. Меѓу Тито и Киро. Стално не тераја да веруваме во среќа и да учиме. Ех само да се знаеше на шо ред ќе дојди работата. Порано немаше готов стикер честитка, смајли и гифт… Порано имаше уплав ако ти стигни честитка од симпатијата и тага и кабает ако на некој си заборавил да му посакаш среќа. Порано не спремаја такви набабарени со шалчиња, винтијаги, предебели чизми и капчиња, ни правеа пештери и се береа групи на деца..

Викавме и пеевме од куќа во куќа за Коледе и живеевме за овие денови. После на огнот одевме и ги броевме парите, па со нив си купуваме колбавчиња. Нив и јаболчињата ги печевме на огнот кој заедно ни ги топлеше вцрвенетите образи преполни со жар и надеж за уште многу години такви. Музика ечеше на сегде. Сме се качувале во згради, кули, улази, скали..спратови и никогаш не бевме уморни! Сме ѕвонеле од ѕвонче на ѕвонче со уште поголем и поголем ентузијазам. И вие сега се качувате. Се качувате на скалите на горниот спрат каде мама и тато не се долу на Коледе пред огнот што го нема, ами седнати пред компјутер и чекираат карти за во некое подобро утре. Ништо не е исто. И колку да сакаме, да се трудиме и да се надеваме. На огнот се помалку луѓе, пред портите се помалку деца, песните слабо се слушаат. Никој не отвара златни порти. Нема мили гости.. Колку и да е тажно и колку и да ја одбиваме суровата реалност. Ги мразам муабетите од типот:,,Слабо ова година..се послабо..”Нејќам кукање и жалење. Чест на исклучоците и ентузијастите кои сеуште се борат за зачувување на традицијата и празничниот дух.. Ама фалат. Фалат луѓето што правеле џагор околу огновите, фалат лица низ пламенот, пријатели…

И за крај, сепак фали малку повеќе ентузијазам и верба. Не велиме дека ни пречат новиве генерации и новитетите и лаптопите, таблетите, смартфоните и тротинетите. Се во свое време, да го прифатиме новото, но да знаеме да поставиме граници и да го почитуваме и негуваме старото и традиционалното! Барем од нас што останавме. Да не се откажуваме така лесно, да не дозволуваме да гасне огнот… Да не дозволиме да нема ни кој да го запали! За многу години!

GOLD
To Top