Новости

Битолски трачарлуци

Вратете ја Битола! Го сакам овој град!

…И дури пијам утринско кафе, ,,класик – кабадајски” на Широк Сокак, ме ,,влечи” една чудна носталгична елегична приказна. Приказна што повлекува бројни спомени, раскажувања, историја. Во Градот на Конзулите…

…И дури ти мириса на турско кафе во утрото и свежа вода испрскана по улиците од дуќанџиите кои безнадежно велат едно ,,ситно: Добро утро!”, се потсеќаш на нејзиниот шарм. Битола е култура, Битола е приказната на Елени и Кемал, Битола е Вија Игнација…Е или беше?!

Каде е битолскиот вистински кабадајлук, каде е она градското одважното, каде се сите вистински боеми, каде е музиката, бељотот и тромбељотот, каде е чкембе чорбата, насмеаните ,,чорбаџии”, каде е ,,луксузот” и честа да чекориш по Широк Сокак?!

Каде е чаршијата, Градскиот парк, стилот на Битолчани, рокот, панкот, џезот, староградските евергрини и виолини?! Веројатно се крие зад кичот, шундот и турбо фолкот кој деновиве има далеку поголема цена од ова претходново! Ја сакаме Битола, но каде е надежта, каде е волјата да го вратиме тој епски дух на нашето срце на Балканот?! Веројатно е таму некаде во предвреме остарените раце натопени во сапуница од оние вистински Битолчани кои одамна избегаа од токму тој шунд во кој се претворивме.

Шмркам голема голтка од некогаш кабадајското кафе и се преправам дека живеам во тој ист свет за кого ме учеа од малечок. Ставам ,,цвикера” и глумам оти е ок. А ок ли е?! Врати се Битола!

СН Брокер
To Top