Новости

Битолски трачарлуци

Ќе се префрлат ли кавгите од Фејсбук дирекно на улица? Или секој е храбар само на тастатура…

Си беше еднаш едно време кога на Фејсбук имаше само по некоја слика (или албуми со 200+слики), по некој лајк, по некој коментар и тоа само од најблиските.

Си беше еднаш едно време кога Фејсбук имаа само оние кои сакаа да контактираат со своите блиски, роднини од дијаспората.

Убави времиња беа. За оној кој памети, а богами не бевме многу.

Си беше еднаш едно време кога Фејсбук немаше секој. Сега? И писмен и неписмен. Педофили. Манијаци. Искомплексирани. Исфрустрирани. Политичари. Исполитизирани. Сезнајковци. Манипулатори. Копита. Од сите нив како башка категорија – инфлуенсери (хехенце). Муабетот оди вака: Остај ме, гледаш дека имам работа! (Скрола и мањачи по Фејсбук, Инстаграм и еден тон инсталирани апликации) Иако, оваа категорија за поздравување се. Да трупаш пари и слава на нечија малумност, богами…дури има овци, ќе има и инфлуенсери. И други слични братски и сестрински „професии“.

Епа да, некој би рекол, ако ти смета, слободно избриши го профилот. Но…не е сѐ така едноставно. Всушност, едноставно е, Фејсбук ти треба бидејќи е поврзан со работата. Да не беше, ќе го бришев со задоволство. Е сега, никој не ти е виновен што мора да го трпиш експертот за сештологија, Славица со коментар на секој пост што ти излегува на Њузфид. Или хејтерот со лажно име и украдена слика што шири омраза кај што ќе стигне.

Да не звучам и јас хејтерски, ама откако се појави и повозрасната генерација на Фејсбук – масовно, ми се чини дека прекинав да ги следам сите можни групи. Па држење лекции, па враќање назад во иднината, пардон, минатото, па ќе земат две жени од 70 години и ќе се расправаат чиј коментар бил подобар, па некој ќе се направи паметен и еве ги цела сурија со навреди, па глупо било прашањето, глуп бил одговорот, глупи сте сите, па бришење коментари, па по некоја сочна пцовка, па ќе се најде некој коментар со мали и големи букви латиница со точка после секој збор, да не можат да дешифрираат па камоли да му вратат или по ново – реплицираат. За оние што пишуваат со големи букви на латиница немам коментар. Не гледале. Па ако не гледаш и имаш голем диоптер, што туку ми дремиш и безделничиш на екран 8 саати во денот?!

Значи, успеаја да се скараат и во групи за готвење! Зошто постирала секој ден јадења, зошто ставала посни јадења, зошто НЕ ставала посни јадења, зошто ставала селфи од неа заедно со јадењето, зошто не ставала рецепт над сликата туку во коментар…да набројувам уште?

Реално, Фејсбук го смени народот. Не сакаме да признаеме, но така е. Кога читам толку многу страшни навреди, горчливи зборови по коментарите, се згрозувам од самата помисла – што ако овие разговори беа во живо? Ако Фејсбук го префрлиме во реалноста, тогаш како што одиме по улица, на секој чекор треба да слушаме кавги, расправии, навреди, плукања, па дури и тепачки…

Сега засега, за среќа или несреќа, сите се храбри само на Фејсбук, а ако се сретнат со личноста со која се скарале во живо, ќе си поминат еден покрај друг како ништо да не било. „Кохонес“ имаат само виртуелно, затоа што тогаш си замислуваат дека се најдобри, најхрабри, најпаметни бидејќи не се соочуваат со реален соговорник или противник, туку со виртуелен, за кој самите си го замислиле дека е инфериорен.

Е сега, има и по некој случај кога кавгата на Фејсбук, ќе се префрли на улица и ќе заврши со ќотек. Засега се ретки такви случаи, ама ако продолжи ова лудило, сé е возможно.

Дали ќе дозволиме овој виртуелен свет да ја преземе реалноста? Во моментов е измешана – виртуелна реалност. И пандемијата придонесе многу кон тоа. Недостигаат вистински контакти, вистински пријатели, реални дружби, разговори до доцна во ноќта, недостига искреност, недостига природност.

Дозволувате една социјална мрежа да го диктира начинот на живот. Да, тоа е вистината. За штетата која ја направи сме виновни ние. Свесен човек нема да доволи никогаш да стане зависен од нешто. Тој може само да го искористи во своја полза. И доколку види дека почнува да прави штета – става крај.

Социјалните мрежи не се замена за социјален живот. Наместо да служат само како помагало, тие исто како вонземјаните од научно-фантастичните филмови, го преземаат вашето тело и прават со вашиот ум тоа што си сакаат. А гледаме сега дека многу лесно се манипулира масата. И после постоеле лажни вести. Е ќе постојат. Дур има лажни луѓе. Дур има лажен живот.

Photo by <a href="https://unsplash.com/@glencarrie?utm_source=unsplash&utm_medium=referral&utm_content=creditCopyText">Glen Carrie</a> on <a href="https://unsplash.com/?utm_source=unsplash&utm_medium=referral&utm_content=creditCopyText">Unsplash</a>

Photo by Glen Carrie on Unsplash

Ова е само за Фејсбук. И претежно за повозрасните генерации. За помладите – немам зборови за она што се прави на Тик Ток. Ама, родителите малку да ги остават кавгите на Фејсбук дали некој бил стар битолчанец или не, и дали некоја правела вистински козињак со конци или без конци и да проверат што им прават децата на Тик Ток. А ако и тоа не им пречи…тогаш сите да заборавиме на иднината. Сами ја уништивме.

Во држава кога секој сака да зема плата, а да не работи и да не придонесе за иднината на општеството, наместо да сака да се оствари како комплетен човек тој станува безделник, во држава каде има само партиски став, а се нема свој став, во држава каде никој не сака никому да помогне ако нема интерес, во држава со хуманост заради слава – има само црн, темен тунел, без никакво светло на крајот. Само бесконечна бездна.

GOLD
To Top