Новости

Битолски трачарлуци

Последици од Ковид 19 – Емотивен текст од Битолчанец посветен на сите оние кои полека го забораваат ,,мирисот на светот”

Имав Ковид. Лесна клиничка слика. Изгубив вкус и мирис. Вкусот си дојде на место, ама умот не сака да попушти.

Зошто умот, а не мирисот? Затоа што велат оти сетилото за мирис е тесно поврзано со тој некој си центар во умот кој ги складира спомените. Закоравениот уметник во некое ќоше во душава, ете како гледа на оваа состојба што никако не сака да мрдне од в место. Не дека се сметам за уметник… Може да кажам повеќе емотивец. Како човек што поинаку гледа на просторот (ќе ме разберат креативците и лудите), барав значење на она што ми фали.. А ми фали…

Ми фалеше мирисот на снег. Прв пат не го почувствував снегот. Само ,,одев” по сеќавање. Ми фалеше мирисот на новогодишната елка. На прашината од лампионите од старата кутија со украси. Ми фалеше мирисот на зима, на студ, на она ,,Хуу” низ воздухот. Ми фалеше мирисот на чај и мирисот на цимет со варено вино.

Во Јануари ми фалеше мирисот на божиќните гранчиња, на божиќната софра. Ми фали нејзината миризба што од далеку ја познавав. Ми фали мирисот на син ми. Ми фали косили во неговата коса. Тој расти и можеби мириса поинаку… Можеби и косили е поинаков сега! Ми фалеше мирисот на магла потоа. Абре и магла ми фали. Ми фали мирисот на утрото и ми фали мирисот на ноќта. Се си има своја миризба. Правот, воздухот, водата, ветрот, топлото и ладното. Снегот и дождот.

Поинаку мириса во ноќта и мракот, а поинаку во денот на светло штом на ,,Ти” си со попладневно сонце! Никогаш не би знаеле ако не ги изгубевме овие миризби. Ми фали споменот од мирисот на топол леб, на кафе утринско, мирисот на појадок и мирисот на прегратка. Ми фали мирисот на четката и боите над платното. Ми фали мирисот на моливот, на прашината, на мастилото.

Ми фали зумбулот, јоргованот. Ми фалат спомените затоа што миризбите биле тие кои не враќаат на местата, желбите, соништата, средбите, сеќавањата, минатото.

Значи ли ова дека може да избледат како да никогаш не ни биле?! Веројатно не! Колку мина од вас јадат чоколадо и без да мирисаат, знаат за неговиот вкус?! Миризбите потсеќаат на спомени, но што е она што го потсеќа мирисот да се сети на тоа место, на тој живот!?

Ценете го секој ,,атом” од ,,она” што ве врти околу замислена оска! Кажете му благодарам на срцето што ве тера сеуште да дишите, верувајте и чувајте се! Целото не е цело, ако нема се!

GOLD
To Top