Новости

Шоубиз

На денешен ден пред 20 години роден е ЕГЗИТ

Со настапите на „Урбана герила“, диџеј Факир и „Ди Фејс“, на 29 јуни 2000 во паркот на Универзитетот во Нови Сад покренат е летниот фестивал „ЕГЗИТ Ноиз“ (EXIT Noise Summer Fest). Фестивалот тогаш траеше скоро 100 дена во кои секојдневно се одржуваа бесплатни концерти, забави, претстави, филмски проекции, изложби, трибини, перформанси… Покренат од страна на група студенти со намера да креираат свое движење за мир и слобода во Србија и на Балканот, проектот беше замислен како алтернативен културен модел наспроти оној кој беше пласиран за време на деведесеттите години од страна на државните медиуми, со цел да ги мотивираат младите да излезат на изборите на кои конечно беше симнат режимот на Слободан Милошевиќ.
EXIT Noise Summer Fest 2000
Фестивалот имаше две бини, „Шума“ позиционирана во паркот на која се одржуваа концертите и „Река“ преку патот на брегот на Дунав на која настапуваа најдобрите локални диџеи. Тогаш никој не можеше ни да замисли дека овие две бини само година дена подоцна ќе прераснат во Главна бина (Main Stage) и Денс Арена (првобитно именувана DJ stage) на меѓународниот музички фестивал на Петроварадинска тврдина. Фестивалот во 2001 траеше девет дена, додека во 2003 беше прогласена „Држава на Излез“ (State of EXIT) по што фестивалот ја добива својата препознатлива форма од четири дена.

Во претходните 20 години, водечките светски медиуми како што се „Гардијан“, „СиЕнЕн“, „БиБиСи“, „Д Тајмс“ и многу други известуваа за „Егзит“ како за еден од најдобрите и најпрестижните фестивали на планетата. ЕГЗИТ освои две награди за „Најдобар голем европски фестивал“, за фестивалските изданија во 2013 и 2017 во рамки на најпрестижното европско и светско фестивалско натпреварување „Европските фестивалски награди“ (European festival awards). Во рамки на истото натпреварување награди освоија и будванскиот „Си Денс“ (Sea Dance) за „Најдобар европски фестивал од средна големина“ за премиерното издание во 2014 година и белградскиот фестивал „Ноу Слип“ (No Sleep) за „Најдобар нов европски фестивал“ минатата година. Покрај овие два настани, ЕГЗИТ ги покрена и „Си Стар“ (Sea Star) фестивалот во Хрватска, „Р:Еволушн“ во Романија, „Фестивал 84“ во Босна и Херцеговина, „Еховејвс“ (Echowaves) во Грузија, како и уште десетици помали и поголеми манифестации ширум планетата.

Со регионалните фестивали кои станаа можеби и најголемиот културен мост меѓу земјите во регионов, ЕГЗИТ ја круниса својата мисија за поврзување на регионот, која беше актуелна уште од почетокот кога во 2001 година на исто место на Петроварадинската тврдина за прв пат по војните се собраа младите луѓе од сите краеви на Балканот. Тогаш многу срушени мостови беа обновени, но беа и креирани нови пријателства кои траат веќе две децении. ЕГЗИТ преку својата Фондација реализираше повеќе од 1000 општествено одговорни проекти од кои се издвојуваат повеќегодишниот проект „Млади Херои“ во кој се промовираат вистинските примери за младите, успешната кампања за укинување на шенгенските визи во 2009 кога тогашниот европски комесар за проширување Оли Рен ја истакна дипломата „State of EXIT“ како најдобар спомен од Србија, фудбалскиот натпревар „Асовите за децата“ во кој учествуваа легендите на српскиот фудбал Радомир Антиќ, Бора Милутиновиќ, Предраг Мијатовиќ, Дејан Станковиќ и многу други, а за време на кој беа собрани 120.000 евра за изградба на болничкото крило за децата болни од рак во Ниш 2017 година, „ЕГЗИТ ЕИД“ (EXIT AID) во 2014 кога беа собрани 140.000 евра за помош на загрозените од поплавите во Србија, како и еколошката платформа „Зелена Р:Еволуција“ во чии рамки Србија се обврза да го зголеми пошумувањето на земјата со речиси 50 проценти.

ЕГЗИТ досега во српската економија има донесено околу 200 милиони евра туристички приход, додека вредноста на меѓународната промоција на земјата, според зборовите на експертите е непроценлива. Новинарот на водечкиот економски магазин „Економист“ (The Economist) изјави дека кога Србија би го потрошила целиот свој буџет за пи-ар не би можела да го постигне тоа што за целиот нејзин имиџ го имаат направено само Новак Ѓоковиќ и ЕГЗИТ.

На Егзит во минатите две децении настапија некои од најголемите светски изведувачи меѓу кои се „Продиџи“, „Кјур“, „Килерс“, „Арктик Манкис“, Дејвид Гета, Скрилекс, „Мигос“, „Вајт Страјпс“, Моби, Мартин Гарикс, Авичи, Карл Кокс, „Ганс Ен’ Роузес“, „Елсиди Саундсистем“, „Секс Пистолс“, „Моторхед“, „Слејер“, Роберт Плант, „Ву-Танг Клан“, Снуп Дог, Лиам Галагер, „Бисти Бојс“, Ели Гулдинг, „Феит Ноу Мор“, Ник Кејв и „Д Бед Сидс“, Иги Поп, „Џамироквај“, „Палп“ „Кемикал Брадерс“, Џеф Милс, Ричи Хотин, Соломун, Нина Кравиц, Пол Калкбренер, Свен Ват и многу други.

GOLD
To Top