Новости

Шоубиз

Српската премиерка замоли „Егзит“ да не се откажува туку да се одржи во август

Иако ЕГЗИТ (Exit) фестивалот неодамна објави дека годинава нема да се одржи во својот стандарден формат и термин, премиерката на Србија Ана Брнабиќ вчера ги замоли организаторите да не го откажуваат фестивалот, изјавувајќи дека препорака на Кризниот штаб е одложување за август имајќи го предвид драстичното подобрување на здравствената ситуација во Србија, но и целиот регион и повеќето земји во Европа:

„Донесовме препорака ЕГЗИТ да се помести за август бидејќи очекуваме дека до тогаш ќе биде целосно смирена ситуацијата во цела Европа“ им изјави српската премиерка на новинарите и додаде дека препораката е фестивалот да се одложи а не да се откаже.

Од тимот на ЕГЗИТ ја поздравија можноста во август да се одржи не само ЕГЗИТ фестивалот, туку и другите манифестации во Србија, како и препораката на епидемиолозите која е добра вест за сите, а особено за најпогодените сектори, туризмот и манифестациите. Во ЕГЗИТ тимот напомнуваат дека се спремни и на промена на форматот на фестивалот: „Ако биде потребно, ние сме спремни драстично да го намалиме капацитетот на фестивалот, како и да ги ограничиме посетителите само на домашна и регионална публика“ изјавија организаторите и апелираа да се организира состанок на кој ќе се дефинираат сите детали и ќе се одговори на отворените прашања.

Оваа ударна вест која со голема брзина се шири на европската фестивалска сцена, ја прокоментираа и регионалните експерти во ивент-индустријата на синоќешниот панел за судбината на манифестациите.

„Ова е одлична вест, но и очекувана, имајќи предвид дека епидемијата во повеќето европски земји забрзано поминува. Србија направи паметен потег што прва објави ваква вест, бидејќи младите всушност ќе бидат првите кои патуваат и државите кои ќе го препознаат тоа побрзо ќе го опорават туризмот од другите“, вели Павле Костадиновиќ од словенечката туристичка агенција „Супратравел“.

Со него се согласува и Аднан Мехмедовиќ, признат хрватски промотер и коосновач на „Фреш Ајланд“ фестивалот. „Ова е спектакуларна вест не само за регионот, туку за цела светска фестивалска индустрија чие опоравување почнува со Егзит. Се надевам дека и другите земји од регионот ќе ја препознаат приликата со цел што поскоро да се опорави фестивалскиот туризам по кој сме препознатливи ширум светот“.

GOLD
To Top