Новости

Занимливости

Венеција „става рампа“: Ако доаѓате на еден ден, ќе платите влезница од 3 до 10 евра

Градските власти во Венеција изгласаа наплатување влезници за еднодневните туристи со цел од тие пари да ги покријат трошоците за чистење на историскиот центар на градот во лагуната кој годишно е посетен од 25 милиони луѓе.

Со овој потег се прави преседан кој сигурно ќе го следат и други туристички дестинации низ светот, пишува Ројтерс.

Статистиките велат дека од 25 милиони туристи, 14 милиони доаѓаат во Венеција „на проаѓање“ односно на еден ден, и не плаќаат данок за престој. Многумина од нив носат сопствена храна, па локалните трговци имаат мала корист од нив.

Токму затоа локалните советници одлучија дека туристите кои доаѓаат на еден ден во овој град кој е на листата на заштита на УНЕСКО ќе платат влезница од 3 евра, која ќе порасне на 6 до 10 евра на почетокот на 2020 година, зависно од тоа дали туристите доаѓаат во екот на сезоната, претсезоната или после екот на сезоната.

Исклучок од ова ќе има за туристите кои престојуваат во локалните хотели и кои преку цената на сместување плаќаат данок за престој, како и за децата под 6 годишна возраст.

„Ова е уникат во светски рамки. Прв пат некој се одлучува на ваков потег со цел градот да се одржува подобро. Другите градови внимателно не следат, ние сме предводници“, изјави градоначалникот на Венеција Луиџи Бруњаро.

Тој одлуката ја оправдува и со податоците дека градот за чистење и одржување на историскиот центар годишно троши 30 милиони евра повеќе од другите градови со слична историја, а бројот на граѓаните кои го полнат буџетот е драстично намален.

Венеција и досега е позната по своите ригорозни правила и казни кои според властите имаат за цел да воведат ред од кој ќе имаа корист и локалните жители, но и туристите. Па така на пример доколку јадете храна седнати на скали на некој објект во центарот на градот може да бидете казнети со 200 евра, казната за хранење гулаби се движи од 50 до 200 евра, а купувањето сувенири од неофицијални продавачи може купувачите да ги чини дополнителни 100 до неверојатни 7000 евра.

GOLD
To Top