Новости

Занимливости

Колку често треба да се пере детската облека?

Кога ќе станеме родители, се соочуваме со фактот на брзорастечки куп од валкана облека. Тоа се случува не само затоа што децата побрзо ја валкаат облеката од возрасните, поради возење велосипед, ползење, тркалање по земја итн., туку и затоа што многу родители сакаат нивните деца да носат свежо испрана облека, па ја перат по секое носење.
Но, дали треба да ја перете облеката секојпат кога детето ќе ја соблече?

Што велат истражувањата?

Истражувањата дошле до заклучок дека многу луѓе не уживаат во перењето облека, било да станува збор за својата било за облеката на децата. Истражување спроведено од страна на Американскиот институт за чистење покажува дека 29 отсто од родителите почнале да ја перат облеката поретко откако имаат деца. Некои се обидуваат да заштедат на сметките за вода, а некои сметаат дека детската облека едноставно не треба да се пере толку често.

Сепак, 46 отсто од испитаните родители рекле дека нивната машина за перење врти неколку пати неделно, додека 23 отсто од нив ја перат облеката секој ден!

Што велат експертите?

Пижамите и панталоните треба да се перат по 3 или четири носења, а чорапите и детската долна облека мора задолжително да се перат по секое носење. Истото важи и за поткошулите, бодињата, маиците и сè друго што тој ден дошло во директен контакт со детската кожа, зашто таквиот вид облека впива пот и нечистотија.

Ако облеката е делумно извалкана од храна, лигавица, повраќање, мокрача итн., стручњаците советуваат дамката веднаш да се испере или тоа парче облека веднаш да се преслече зашто на тоа место се развиваат бактерии. А белата облека, за да не ја промени својата боја, исто така треба редовно да ја перете по секое носење.
Облеката во боја и онаа што е направена од чист памук, трпи повеќекратно носење, но главно три до четири пати.

Родителите понекогаш се прашуваат кој детергент да го користат за перење на детската облека, па често се одлучуваат за поскапи детергенти приспособени на бебешката кожа. Но тоа не е потребно, советуваат стручњаците, објаснувајќи дека на бебешката кожа нема да ѝ биде ништо од обичниот прашок за перење ако бебето има нормална кожа, ако нема кожни алергии, егземи, дерматитис или некој вид чувствителност.

Исто така, детската облека и постелнина не треба да ги перете одвоено од облеката и постелнината на другите членови на семејството, освен во случај на некој од споменатите примери.
За да дознаете дали вашето дете е пречувствително, може да тестирате така што ќе исперете само едно парче облека со обичен детергент и да почекате да видите каква ќе биде реакцијата. Сепак, ако сте во можност, би било добро да одбирате детергенти без вештачки додатоци, додека пак омекнувачите за облека треба да ги избегнувате затоа што содржат хемикалии кои ја иритираат кожата.

Што велат родителите?

– Ја перам облеката секој втор ден, зависно од дамките и активностите на детето. Ако е надвор кога врне или ако си игра на тревата и во песок, облеката веднаш оди на перење. Маиците ги носи повеќе пати ако се чисти, а единствено долната облека ја перам по секое носење – вели една мајка.

Друга прокоментирала:
– Сметам дека е одвратно нешто на кое може да има бактерии да се носи повеќе од еднаш. Валканата облека веднаш им ја преслекувам, исто како што и чашите и крпите ги користиме само еднаш.

– Ја перам детската облека по секое носење затоа што децата многу време поминуваат на подот, во паркот или со го бришат носот со ракавот од маицата. Моите деца секој ден носат чиста облека, а особено внимавам да користам природни и нетоксични производи за перење – додава трета мајка.

GOLD
To Top