Новости

Занимливости

Мистериозна појава на темната страна на Венера

Венера е чудна планета. На неа владее пеколна температура од 462 Целзиусови степени, паѓа сулфурен дожд, а притисокот на површината е како оној во најдлабоките делови од океаните на Земјата. Исто така, оваа планета е единствена по тоа што еден ден на неа е подолг од година, бидејќи го заобиколува Сонцето за околу 225 дена, а својата оска за 243.

Венера исто така ротира во спротивна насока од сите останати планети во Сончевиот Систем. Поради тоа добива огромна количина на светлина и топлина од Сонцето, пред да му го сврти „другиот образ“.

Сега еден тим на меѓународни експерти врз основа на податоците собрани од леталото „Венера експерс“, кое припаѓа на Европската вселенска агенција, откри дека постојат големи разлики помеѓу дневната и ноќната страна на Венера. Ноќната страна сега првпат е детално мапирана, а забележани се и нови турбулентни облаци во темнината, какви што претходно не биле забележани.

„Додека атмосферската циркулација на дневната страна на планетата е детално истражена, за ноќната не знаеме многу“, вели Хавиер Пералта од Јапонската агенција за аеровселенски истражувања и лидер на истражувањето.

„Откривме дека шемите на облаците на ноќната страна се различни и дека врз нив влијае топографијата на Венера.

Иако ротацијата на Венера е многу бавна, нејзината атмосфера циркулира и до 60 отсто побрзо, а поради тоа, облаците достигнуваат висина и до 72 километри.

„Може да се види горниот слој на облаци на ноќната страна, но контрастот на нашите инфрацрвени камери е премногу слаб за да се забележат деталите“, вели Пералта.

Сега „Венера експерс“ направи стотици инфрацрвени слики во различни бранови должини, што на научниците им овозможува првпат да ги испитаат облаците на темната страна.

Откриено е дека темната страна има различни формации и морфологија на облаците во однос на светлата, а забележани се и таканаречени стационирани бранови.

„Стационираните бранови се бранови што настануваат во долните делови на атмосферата и не ја следат ротацијата на планетата“, вели коавторот на истражувањето, Агустин Сначез Лавега од Универзитетот „Паис Васко“ во Билбао.

Се смета дека стационираните бранови настанале така што ветровите преминувале преку планините, како што е случајот на дневната страна, но мерењето покажало дека ветровите не дувале доволно силно за да им се припише ваков ефект. Покрај тоа, јужната хемисфера на планетата нема значителна височина на површината. Мистеријата ја продлабочува фактот што стационираните бранови не се наоѓаат во средниот и нискиот слој на облакот и се јавуваат на 50 километри на атмосферата.

Никој не знае од каде потекнуваат. Ова истовремено значи дека стариот модел на Венера повеќе не важи.

„Пропуштивме некој дел од сложувалката“, вели Пералта.

Извор:факултети.мк

GOLD
To Top