Можеби звучи неверојатно, но причината за секој трет развод во светот е токму најпопуларната друштвена мрежа Facebook.

Така барем наведуваат раздвоените сопружници, обвинувајќи се едни со други дека ја изнесуваат интимата на ваков начин, со тоа што се допишуваат и флертуваат со виртуелните пријатели (кои се најчесто непознати личности), но и поради тоа што минуваат премногу време на чет запоставувајќи го своето семејство и останатите обврски.

Истражувањето на една адвокатска канцеларија во Велика Британија открива дека во дури 66 отсто од случаевите на развод поради друштвените мрежи, клучна причина е неверството на едниот или пак на двајцата партнери. Освен тоа, поголемиот дел од корисниците воедно уредно го пријавуваат и емотивниот статус, па излегува навистина голем проблем кога сопружникот ќе открие дека неговиот долгогодишен брачен другар е веќе “сингл”.

Во последно време голем проблем се и различните ставови кај партнерите за тоа дали требало да се поставуваат фотографии од децата, како и фотографии од станот, летувањето и семејните прослави, бидејќи огромен број непознати љубопитни лица на ваков начин можат да дојдат до различни информации a потоа и да ги злоупотребат.

Истражувањата покажуваат дека жените повеќе сакаат да се експонираат за разлика од мажите, а ова особено важи за мајките кои како да сакаат на целиот свет да му покажат дека се породиле, како нивното бебе го добило првиот заб, како детето има нова играчка, нова облека, велосипед или умее да скија.