Новости

Занимливости

Што знаат научниците досега за Јупитер

Јупитер е најголемата планета во Сончевиот систем, а сега најновото истражување спроведено од Државната лабораторија Лоренс Ливермор во Калифорнија вели дека оваа планета може да е и најстарата. Ова е првото истражување во кое научниците точно ја одредиле староста на Јупитер: 4.5 милијарди години. Исто така, тие утврдиле дека Јупитер бил клучниот фактор во формирањето на Сончевиот систем.

Лидерот на истражувањето, доктор Томас Круијер објаснува дека научниците не поседуваат примероци земени директно од Јупитер. Затоа, за истражување биле искористени метеори од Јупитер пронајдени на нашата планета. Сончевиот систем е стар 4.65 милијарди години, а Јупитер е за милион години помлад.

Научниците откриле дека метеорите, кои биле остатоци од астероид од Јупитер, потекнуваат од два различни резервоари на гас и прашина кои коегзистирале, но не се мешале, помеѓу милион до четири милиони години после формирањето на Сончевиот систем.

Во својата рана фаза, Сончевиот систем се состоел од гас и прашина во форма на диск, а причината поради која овие два типови на кластери успешно останале разделени би можел да биде Јупитер. „Најлогичното објаснување за успешно раздвојување на овие два резервоари е Јупитер, кој веројатно создал отвор во дискот поради кој резервоарите не се мешале“, објаснува Крујиер.

Јупитер служел како граничник помеѓу групите различни видови на материјали. Во своите први милион години, центарот на Јупитер станал за 20 пати поголем од планетата Земја, а во текот на следните четири милиони години станал за 50 пати поголем од Земјата.

Според новото истражување, центарот на Јупитер се формирал пред да се распадне сончевата маглина – гасен диск кој кружел околу младото Сонце. Научниците веруваат дека тоа се случило помеѓу милион до 10 милион години после создавањето на Сончевиот систем. Без примерок од Јупитер невозможно е целосно да се потврдат резултатите од ова истражување, но метеорите укажуваат на тоа дека голема е веројатноста Јупитер да е нашиот најстар сосед.

Извор: Факултети.мк

GOLD
To Top