Новости

Занимливости

Зошто токму сега почнаа да се појавуваат нови соеви на корона вирусот?

Научници од Јужноафриканската Република и од Велика Британија кон крајот на минатата година открија нови, позаразни соеви на коронавирусот кои веќе се шират низ светот. Македонија штотуку потврди случај на британскиот сој на коронавирусот во земјата.

Анализи на глобални бази на податоци за геномот на коронавирусот покажуваат дека има три различни верзии на вирусот. За научниците, но и за сите други, ова се лоши вести. Сите вируси мутираат, а САРС-КоВ-2, што го предизвикува Ковид-19, еволуира со брзина од 1.000 промени на една локација во геномот годишно. Тоа значи дека во геномот се прави една промена на секои 11 дена, пишува „Вајрд“.

Во поголемиот дел од минатата година овие случајни промени немале влијание врз ширењето на вирусот и симптомите што ги предизвикува. Меѓутоа, новите три мутации што се забележуваат самостојно или во комбинација брзо ги заменуваат постојните соеви.

– Тоа покажува дека овие мутации имаат предност – вели Стивен Голдстин, виролог од Универзитетот на Јута.

На некој начин, сите соеви на коронавирусот сакаат да бидат полесни за пренесување, а новите мутации се прават во ист регион од шилестиот протеин на коронавирусот, вели тој. Научниците имаат повеќе ставови за причината за појавата на новите соеви, а оној на Голдстин е дека тоа можеби претставува последица на лошите мерки донесени од владите на почетокот од пандемијата.

– Тоа што изгубивме контрола на толку многу места есента придонесе да се зарази многу голема популација – вели Голдстин.

Ова ги создало условите за појава на повеќе мутации. Проблемот со мерките што не се целосно рестриктивни и овозможуваат ширење на коронавирусот, а со тоа и се создаваат повеќе можности за мутации.

Тулио де Оливеира, биоинформатичар на Универзитетот „Квазулу-Натал“ во Дурбан, Јужноафриканска Република, вели за „Вајрд“ дека е убеден дека има десетици, ако не и стотици соеви со слични мутации кои се јавуваат низ светот во моментов. Тој смета дека единствената причина зошто Јужноафриканската Република и Велика Британија ги забележале први е бидејќи нивните влади инвестирале во набљудување на ширењето на коронавирусот.

Според него, државите треба да престанат со воведување бескорисни забрани за патување и да тестираат повеќе, да ги изолираат контактите на заразените и да вакцинираат повеќе луѓе. Можеби ќе поминат години додека се вакцинираат доволно луѓе за да се спречи еволуцијата на коронавирусот. Дотогаш треба да купиме време со намалување на шансите за негово ширење, а со тоа и намалување на шансите за негово мутирање преку мерките како дистанцирање, носење маски, одбегнување метеж и подобрување на вентилацијата во просториите.

– Важна работа е да разбереме дека мора речиси да го спречиме пренесувањето ако сакаме да одбегнеме појавување на нови соеви во иднината – вели Де Оливеира.

 

 

 

 

 

 

Извор: Факултети

GOLD
To Top