Новости

Занимливости

Милано инвестира во велосипедски патеки за да го намали загадувањето и метежот

Амстердам, Барселона, Копенхаген, Париз, Монтреал и Токио се само некои од градовите прилагодени за возење велосипеди. Кога ќе се реализира амбициозниот план за проширување на велосипедската мрежа, Миланo ќе се приклучи на листата на урбани центри кои се вистински рај за велосипедистите.

Според Klima101, дури 80% од жителите на италијанскиот град Милано ќе бидат оддалечени помалку од еден километар од велосипедската патека кога ќе заврши изградбата на инфраструктурата долга 750 километри. Првата патека ќе биде изградена ова лето, додека проектот Biciplan Cambio се очекува да биде завршен во 2035 година.

Една од основните асоцијации во Италија, покрај пицата, модата и сладоледот, е и возењето веспа. Сепак, оваа слика би можела да се промени во Милано, па велосипедите да станат заштитно превозно средство за жителите на овој град.

Преку амбициозен проект за развој на велосипедска мрежа и инвестиција од 240 милиони евра, властите сакаат да обезбедат транзиција на 20% од граѓаните кон возење велосипед наспроти моторни возила. Ова би го намалило загадувањето на воздухот и сообраќајниот метеж. Истовремено би се зголемила и безбедноста на учесниците во сообраќајот бидејќи велосипедистите и возачите на автомобили нема да се движат по исти патишта.

Проектот Biciplan Cambio не застанува на изградба на патишта и паркинзи за велосипеди – развојот на инфраструктурата ќе биде проследен со употреба на современи технологии како што се сензорно осветлување, дигитални екрани и оптички кабли.

Идната велосипедска мрежа ќе опфати 4 зелени меѓуградски патеки и 20 градски, од кои 4 ќе бидат кружни, а 16 ќе се вкрстуваат. Некои од постојните правци ќе бидат поврзани на мрежата, додека останатите ќе се градат од почеток. Дури 80 отсто од станбените згради, но и важните институции и служби како болници, училишта, железници и подземни транспортни линии, ќе бидат во радиус од 1 километар од велосипедските патеки.

Според Беатрис Угучиони, советничка од Милано задолжена за мобилност, целта на планот е Милано да се трансформира во град во кој жителите ќе можат да возат велосипеди по иновативни и безбедни патеки за да стигнат до кино, здравствен центар или место за состаноци.

Евротип
SNBROKER
To Top