Новости

Занимливости

Портретот на Мерлин Монро од Ворхол е продаден за рекордни 195 милиони долари

Портретот на Мерлин Монро на американскиот поп-арт уметник Енди Ворхол е продаден за 195 милиони долари, што е највисоката цена што едно уметничко дело од 20 век ја достигнала на аукција.

Портретот беше продаден за четири минути по точна цена од 195,04 милиони долари, вклучувајќи ги и трошоците, во преполната сала на аукциската куќа Кристи на Менхетен.

Станува збор за делото „Shot Sage Blue Marilyn“ кое Ворхол го насликал во 1964 година.

Познатата слика, која до вчера беше во сопственост на Фондацијата Томас и Дорис Аман од Цирих, беше проценета на 200 милиони долари.

Фондацијата ќе ги искористи средствата за подобрување на животот на децата ширум светот преку здравствени и образовни програми.

Ворхол (1928-1987) се смета за еден од најважните претставници на поп-артот. Тој насликал лога за неколку прехранбени производи, меѓу кои и Кока Кола. Познат е и по портретите на холивудските икони, а дизајнирал и корици за два албума на Ролинг Стоунс.

Уметничкото дело на 20 век кое досега го држеше рекордот за најскапо продадено нешто на аукција беше слика на Пабло Пикасо. Една од варијациите на „Жените од Алжир“ во мај 2015 година достигна цена од 179,4 милиони долари.

Евротип
SNBROKER
To Top