Новости

Женски муабети

Биди паметна! Биди послушна! – Текст во кој ќе се пронајдат сите жени!

Бев дете кога сите околу мене се фалеа колку знаеле за она што му противречи на неуспехот – ,,животот”. Тие ,,сите” беа обично возрасните кои се правеа важни божем имаат поминато низ сито и решето па сите тие стринки, баби, вујковци, вујни, стриковци и тетки, знаеа да речат:,,Биди паметна! Биди послушна кога ти велиме!”


Потоа малку пораснав и почнав сама да го истражувам светот. Не ми беа важни ,,стринките” и никој дуг од возрасните. ,,Биди паметна” – си велев! – Биди паметна кога ти велам!


Подоцна си фаќаш другари, пријатели, вртиш во кругови, се социјализираш во малиот град и баш тие другариве те потсетуваат:,,Биди паметна! Биди паметна кога ти велиме!” Потоа се омажив, имав деца, имав и една љубов, еднаш некогаш, ама ми е криво оти имав и соништа, но знаеш ли што? Бев…паметна! Затоа што така ми велеа стринките, возрасните, врсниците… Затоа што така јас си велев! А имав соништа! Имав многу мнооогу соништа, ама бев паметна!


Омажи се, имај деца, биди домаќинка, зошто си сама? Ајде имај второ дете? Не ти е жал за едното? Си бара братче, сестриче? А зошто така го воспитуваш? А зошто му даваш нездрава храна? Аман де и што ако му дадеш кроасан! А зошто викаш? А зошто не викаш? Зар не ти се смачи да живееш сама со кучето? До кога така? Не требаше да се омажиш! Ти можеше многу повеќе од ова!

Не си ти за во овој град! Каде одиш? Колку ќе се задржиш? Имаш прашања? Престани да прашуваш, ти кажав! А зошто плачеш?! Понекогаш е убаво да заплачеш, знаеш? А зошто си пак сега плачка!? Престани да се смееш, не е ништо смешно! Зошто не излегуваш? Излези, добро ќе ти дојде. Остани дома. Ќе мораш да размислиш. Ти не знаеш да мислиш!

Престани да се трудиш! Мораш да се трудиш! Оди и прошетај го светот! А мислиш дека некаде е подобро од тука? Секаде е исто. Никаде не е како тука. Омажи се. Што ќе ти е свадба? Имај свадба. Облечи се убаво. Не мора толку да се дотеруваш! Што пак ти знаеш за другите! Ти најубаво знаеш што треба! Сонувај, мечтај, верувај во чуда! Џабе ти е да сонуваш! Работи! Труди се! Како тоа само за тебе нема работа! Не се жали. Молчи. Не се надевај! Не вришти! Раѓај! Чисти! Имај кариера! Имај пријатели! Љуби! Нема ,,аир” од љубовта! Што ќе ти е љубов! Мислиш? Не мисли! Здебели се! Ослаби!

Се треба да искусиш! И тоа го проба? Засрами се! Биди мајка! Не биди мајка! Вежбај! Биди веган! Ти треба месо, протеини, ти треба енергија! Не знаеш да медитираш! Мислиш толку е лесно тоа? Седи дома! Излези! Каде ќе одиш?! А колку пари те плаќаат? А тебе што ќе ти се пари? Што ќе ти е?! Остави го! Стој. Не заминувај. Не биди робот. Биди жена. Тешко е, ама биди жена! Биди паметна! Биди паметна! – ми велеа, ми велат и ќе продолжат! А јас? Ќе бидам паметна, зашто веројатно нема поинаку!

GOLD
To Top