Новости

Живот

Лајк, фејв, коментар, емотикон…Психолошко објаснување на потребата од внимание

Покрај популарниот термин селфи (selfie) сè почесто се пробива и се користи поимот килфи (killfie) поради несаканите повреди, понекогаш и со фатален исход, што се случуваат при правењето на оваа карактеристична фотографија од себе. Статистичките податоци покажуваат дека од 2014 година околу 130 луѓе настрадале во обидот да си направат што пооригинално селфи.

Во Германија, во повеќе наврати се случило спречување на службите за спасување во својата работа од страна на возачи кои застанувале да го фотографираат местото на несреќата. Властите во Русија покренале голема кампања за да ги спречат луѓето да се доведуваат во опасност во обидот да направат што пооригинално селфи.

Но, кој е мотивот за ваквото однесување кај луѓето?

Сите овие содржини завршуваат на социјалните мрежи, каде што се „наградуваат“ со фејв, лајк, коментар, шер и емотикон. Ако ги изземеме новите занимања како блогер и влогер, за што личноста за креирање содржини претежно остварува финансиска добивка, можеме со сигурност да потврдиме дека станува збор за моќни мотиватори на одредено однесување.

Потрагата по одговорот би ја почнале во годините по Втората светска војна, поконкретно – во сиропиталиштата. Група научници се обидувале да откријат зошто смртноста во некои сиропиталишта е поголема и покрај солидните услови и медицинската нега. Ги споредиле условите во различни домови за згрижување бездомни деца и откриле дека децата што добивале стимулација, тие што на негувателките им јаделе од рацете, ги допирале и имале интеракција со нив, биле понапредни и имале добри шанси да преживеат. Кај децата што немале доволно стимулации се јавувале различни проблеми од психофизичка природа наречени хиспитализам. Заклучок: стимулацијата е неопходна за опстанок на единката.

Оваа потреба има исто значење како и потребата за храна. Во раното детство најголема вредност има допирот. Со возраста и социјализацијата, тактилната стимулација и натаму останува битна, но полека се трансформира во нешто што го нарекуваме глад за препознавање или во превод, потреба од насмевка, поглед, убав збор…

Стимулацијата која на сите ни е толку потребна, во трансакциската анализа ја нарекуваме и „милување“ од англискиот збор stroke (строукување), која истовремено значи и удар. Во модерно време, во комуникацијата преку апликациите како Месинџер и Вибер се соочуваме со seen ситуација. Сигурно секому му се случило да прати порака и да не добие одговор, а притоа да има можност да провери дали примачот ја примил пораката.

Во почетокот на годинава почина познатиот психотерапевт и научник Клод Стајнер, кој дал огромен придонес во учењето на строуковите.  Тој сметал дека во процесот на социјализација, што во суштина е репресивен, кај луѓето се „инсталира“ идејата дека стоуковите се ограничен ресурс. На тој начин, строукот добива вредност на монета.

Само ако се однесуваме на одреден начин добиваме животно важен ресурс. На овој начин, усвојуваме социјално посакувано однесување, но и заблуда дека строукот е ограничен ресурс и дека е неопходно да се однесуваме на одреден начин за да можеме да добиеме нешто што ни е неопходно.

Од друга страна, доколку не добиеме доволно позитивни строукови, го прифаќаме и негативното препознавање на нашето однесување. Потврда на ова наоѓаме и во психотераписката практика во форма на неуспешен обид на родителот да елиминира несакано однесување преку различен вид казни, вклучувајќи и физичка казна.

Жестоката размена на навреди во текот на некоја дискусија на интернет за некое „вечно прашање“, независно дали е политичко, идеолошко или спортско, знае да изненади со жестина и непримерност и претставува сигурна доза на строукови. Секако, постојат индивидуални разлики и искуството ни зборува дека не им одговара на сите иста количина внимание, независно дали била позитивна или негативна.

Самостроукирањето, исто така, е социјално непосакувано. Социјалните мрежи може да бидат сигурен и прилично безбеден простор каде што строуковите може да се бараат на дискретен начин. Па така, лајкот од некои важни луѓе на некоја содржина што сме ја споделиле ќе стане многу вреден строук, а притоа да не мора претерано да се изложуваме и да ризикуваме осуда, за да го добиеме.

Извор: факултети.мк

GOLD
To Top