Новости

Живот

Филозофија на слободата

Филозофијата на слободата се заснова на правото на себе-поседување. Вие сте сопственик на својот живот. Ако го негирате ова право, ова значи дека некој друг има поголемо право на Вашиот живот отколку Вие. Никој друг, ниту поединец, ниту група луѓе, не можат да полагаат право на Вашиот живот, ниту пак Вие можете да полагате право на животот на некој друг.

Вие постоите во времето: иднината, сегашноста и минатото. Тоа е манифестот на слободниот живот, производ на вашиот живот и слобода. Изборите кои ги правите во Вашиот живот претставуваат Ваш просперитет. Со загубата на животот, ја губите и својата иднина. Ако ја изгубите слободата, ја губите и својата сегашност. Ако ја изгубите слободата и производот на својот живот, значи дека сте го изгубиле и делот од своето минато, во кој тоа сте го создале.

Производот од Вашата слобода плус Вашиот живот е Ваша сопственост. Приватната сопственост е плодот од Вашиот труд, производ од синтезата на Вашето време, енергија и талент. Тоа е оној дел од природата на кој му давате употребна вредност. Ваша сопственост е и сопственоста што ја добивате од другите преку доброволна размена заснована врз взаемна согласност. Двајца луѓе кои доброволно ја разменуваат својата сопственост се и двајцата во ќар, инаку ќе нема размена. Праведно е само тие самите да имаат право да донесат таква одлука.

Понекогаш, некои луѓе користат сила и измама, за да земат нешто од другите, без нивната доброволна согласност. Нормално, иницирањето на сила со цел некому да му се одземе живот е убиство; со цел да се одземе слободата е ропство; и со цел да се одземе сопственоста е кражба. Нема разлика дали овие дејствија се сторени од една личност која делувала сама, или пак од повеќе личности кои делувале против неколкумина, или дури пак и од службени лица со убави капи и фенси имиња.

Вие имате право да го заштитите сопствениот живот, слобода и праведно стекнатата сопственост, од насилната агресија на другите. Истотака, Вие можете да побарате и помош, за да се одбраните. Но, Вие немате право да употребите сила против животот, слободата и сопственоста на другите. Затоа, Вие немате право да изберете некоја личност да употреби сила против другите во Ваше име.

Луѓето имаат право да ги бираат своите водачи, но немаат право да ги наметнуваат на некој друг. Без оглед на тоа на кој начин се избира власта и тие луѓе се само луѓе, и нивните барања и права не можат да бидат поголеми од правата на другите. Без разлика на креативните етикети за нивното однесување или пак бројот на луѓето кои ги подржуваат, службените лице немаат никакво право да убиваат, заробуваат или крадат. Вие не можете да им пренесете било какво право кое Вие не го поседувате.

Бидејќи Вие го поседувате сопствениот живот, Вие сте одговорни за вашиот живот. Вие Вашиот живот не сте го позајмиле од власта, која за возврат би барала од Вас сервилност. Вие не сте ни робови, за некој од Вас да бара жртвување.

Вие ги избирате Вашите цели врз основа на вредности во кои верувате. Успехот и поразот се неопходен животен стимул од кои учите и се развивате.

Евротип
Евротип
To Top