Новости

Живот

Останете дома оваа магична вечер и поканете го Бог да вечера заедно со вас!

Бадниковата вечер е една од најубавите во целата година. Таа го симболизира подарокот кој ние луѓето го очекуваме, а тоа е раѓањето на синот Божји. Всушност и затоа се подароците под нашата елка, за да симболизираат дарување кон Бога за нашиот најголем подарок, синот Божји.

На Бадник се вкрстуваат сите приказни, се откриваат сите божиќни легенди, помеѓу кои е и легендата за постоењето на новогодишното дрво или елката и зошто токму неа ја китиме. За оние што не знаат, една руска легенда вели дека ова новогодишно дрво немало воопшто иглички на него, а од страните имало бор и кедар кои се поклониле пред Исусовото раѓање и сакале нешто да му подарат. Ги истресиле своите иглички и шишарки од кои се раширила преубава миризба, но елката немала ништо што да подари и заплакала. Тогаш една ѕвезда паднала од небото точно над врвот на елката, па елката се поклонила и го осветлила местото покрај пештерата, па сиот свет можел да види дека се родил спасителот на човештвото.

На овој ден Бадник, во нашата култура се седи во кругот на семејството, па кај и да си, за Бадник и за Божиќ дома да си.

Се сеќавам, во нашето семејство трпезата секогаш беше посна, имаше бадникови гранчиња, запалена свеќа и домаќинот ја кажуваше молитвата. А потоа децата заедно со домаќинот излегуваа надвор пред портата и три пати повторуваа: „ Дедо Боже дојди да вечераме! Дедо Боже дојди да вечераме! Дедо Боже дојди да вечераме!“ И така Бог ќе влезеше во нашиот дом, се чувствуваше неговото присуство, ќе вечераше со нас, ќе не благословше…А ние му ја остававме целата трпеза до утредента. Првиот кој ќе станеше од масата, од вечерата, се сметаше дека ќе биде најпргав во текот на целата година, а се одбираа и ореви. Ако одбериш црн орев од внатре, годината што ќе следи, нема да биде убава. Но, ако одбереш убав орев, ќе те чекаат многу денови исполнети со среќа. Сепак, секогаш се тешевме, дека црниот орев е некоја грешка и дека сите ќе имаме убава година. А јас, јас секогаш сакав да останам последен, па да бидам мрзелив цела година…Па што? Што ќе фали ако човек малку се одмори!

Среќни празници и имајте убава Бадникова вечер!

GOLD
To Top