Новости

Живот

5 вредни совети за успех и напредок во работата

Сакате унапредување и зголемување на платата годинава? Или само сакате да напредувате во работата и да ја подобрите работната средина? Експертите имаат пет совети за вас:

1.Дозволете си неуспех

Неуспехот има негативна конотација, но може да ви помогне на патот кон успехот. Кога ќе се натерате да излезете од вашата комфорт зона, ќе се охрабрите да преземете поголем ризик и да си поставите поголеми цели. Дури и да не успеете, ќе знаете дека не сте стоеле во место, туку сте се обиделе да се движите напред. Исто така, ќе имате едно искуство повеќе и ќе знаете каде сте згрешиле. Тоа ќе ве мотивира да го најдете успешниот пат.

2.Обратете им се на колегите, не на шефот

Кога ќе стигнете до пат-позиција со некоја задача, првиот инстинкт би бил да се обратите за помош кај шефот. Пред да отидете кај надредениот, побарајте идеи, решенија и конструктивна критика од колегите. Потоа тие решенија понудете му ги на шефот, секако, уважувајќи го трудот на сите што помогнале. На тој начин ќе ја зацврстите врската со колегите, ќе ја поттикнете колегијалноста и тимската работа и ќе покажете дека имате добри организациски и интраперсонални квалитети. А тоа ќе ви оди во прилог кога менаџментот ќе размислува за унапредувања.

3.Спријателете се со колегите

Колегите не ви се конкуренција, тие се вашиот тим. Кога сте тимски играч, ја поттикнувате таквата атмосфера на работното место и тоа води кон поголема продуктивност и чувство на взаемна доверба. Научете да се заблагодарувате за завршената работа и да давате конструктивна критика и пофалба. Тоа значи дека работниот ден ќе ви поминува без дополнителен стрес, работата ќе оди побрзо и шефот ќе биде задоволен. А тоа е добро за компанијата, што е добро за сите вас.

4.Бидете проактивни

Не дозволувајте тремата да ве спречи да се истакнете. Џабе имате добра идеја ако не ја кажете на глас на состанок или кога шефовите ќе побараат ново решение. Ако сте премногу интровертни, замолете некој од колегите да ве сослуша како ја презентирате идејата или нека ви помогне со презентацијата пред шефот. Експертите велат дека најтивките луѓе обично имаат најдобри идеи, баш заради тоа што им се темелно осмислени во главата.

5.Не се плашете да се пофалите

Напорно сте работеле на дадените задачи, а некогаш сте го носеле целиот  тим „на свој грб“. Но, вашиот шеф се чини не го забележува тоа. Понекогаш го забележува, но не ве пофалил или не ви честитал јавно. За да се осигурате дека добро завршената работа не поминала незабележано, најдете суптилен начин да го спомнете сработеното на состанок или во разговор со него/неа. Исто така, може да спомнете какво корисно решение сте дале на претходен проект кога работите на нов. Секако, овие самопофалби треба да се случат само кога шефот сам не ви оддал признание. Ако сте го добиле своето, не претерувајте.

Извор: Кајгана.ком

 

GOLD
To Top