Новости

Астрологија

Астро портрет – Лав

Да се наведат сите карактеристики на родените во знакот лав, е исто како да ги прочитате сите имиња на крајот од филм, кои се заслужни за неговото реализирање. Лавот може да ја одигра секоја улога во филмот и притоа да го прилагоди светлото, за да се осигури дека секогаш ќе биде во центарот на вниманието. Овие луѓе сакаат секогаш да бидат забележани и да привлекуваат внимание. Лавовите се родени за да бидат „кралови/кралици на драмата“. Тие се родени лидери, кои се ценат себеси и зрачат со самодоверба.

Љубител на човековата насмевка

Вие поседувате неколку карактеристики кои ви овозможуваат да го придобиете вниманието на другите луѓе. Некои можеби ќе ве обвинат дека сте егоцентрични, но вистината е дека вие едноставно го покажувате вашето вистинско лице – забавувач. Вие сакате да сте „виновникот“ за туѓите насмевки, бидејќи тоа ви создава искрено задоволство во душата. Оваа ваша дарежлива природа ве прави алтруист, кој може да постигне голем успех во животот, благодарение на вашиот оптимизам и позитивни мисли. Лавот е кралот на животните, па така и вие чувствувате обврска дека треба да се грижите за поданиците во вашето царство. Со задоволство го понесувате товарот на другите луѓе, секогаш кога е тоа потребно, но и кога не е потребно, ниту е ваша работа да се грижите.

Хуманитарната страна на лавот

Најчесто луѓето кај вас ја забележуваат само вашата „сценска страна“. Најчесто се чувствувате како да сте на сцена и морате да се однесувате онака како што публиката очекува од вас. Но, во вас се крие и друга страна, која е тешко забележлива, а тоа е хуманоста.

Вашата длабока потреба да им помагате на другите луѓе е честопати засенета од карактерот кој го прикажувате пред светот. Повеќето луѓе никогаш не успеваат да ја видат оваа ваша страна. Тоа е така, бидејќи вие сте многу затворена личност кога станува збор за добрите дела кои ги правите, ко божем да чувате некоја државна тајна. Последната работа која што сакате да се случи, е некој да се сомнева во вашите акти на хуманост. Оваа ваша особина може да изгледа дека е контрадикторна на вашата позерска улога која ја прикажувате пред светот, но вашето големо срце е навистина многу дарежливо и милосливо и ве тера да се вклучите во некоја добротворна акција.

Суетност: мит или реалност?

Во многу прилики, најверојатно сте биле обвинети дека сте многу самоуверени, суетни или нарциси. Соочете се, вам ви се допаѓа вашиот одраз во огледало и да се има его е навистина добра компонента во карактерот на една личност. Но, кај некои лавови, тоа е екстремно нагласено. На овие луѓе, им е многу тешко да го пронајдат балансот помеѓу самоувереноста и потребата да доминираат над другите луѓе. На крајот на краиштата, тоа е космичка сила, а понекогаш едноставно не можете да се борите против ѕвездите.

Лавот на работното место

Вашата силна потреба за внимание, може да постане водечка сила во вашиот живот. Глумата е природен избор на кариера за вас, како и пиар или работа во департманот за продажба. Секоја професија во која вашата улога е да ги убедувате луѓето, ќе ви биде добредојдена. Вие секогаш сте во центарот на вниманието, а тоа може да ги налути луѓето околу вас, кои сакаат да бидат на вашето место. Научете да го делите „сценското светло“ со другите луѓе, особено со колегите и ќе бидете почитувани и обожувани повеќе отколку што можете да посакате. Лавот е роден за успех. Тој никогаш не би прифатил пораз и ќе продолжи да се бори, додека не го победи секој предизвик кој ќе му се појави на патот. Кога ќе започне да работи на некој проект, лавот не само што ќе си ги оствари своите цели, туку и ќе ги надмине очекувањата на другите за него. Тој исто така, може да биде одличен шеф бидејќи неговиот стил на менаџирање е професорски и менторски. Лавот чувствува огромно задоволство кога гледа дека членовите на неговиот тим напредуваат во работата.

Екстремно лојален кон најблиските

Вие сте многу лојална и предана личност и сте безусловно приврзани и посветени кон членовите на вашето семејство и пријателите и го очекувате истото од нивна страна. Кога лојалноста не ви е возвратена, се чувствувате повредени до дното на вашето срце. Тоа е така, бидејќи лавовите имаат многу големо его, кое им е секогаш на прво место во животот и тоа лесно може да биде рането. Ќе бидете во агонија поради предавството и непочитувањето кое сметате дека ви е дадено. Вие ќе се обидете да ја излекувате оваа рана, но доколку не пронајдете начин да се справите со вашата болка, таа може да ви претставува камен на кој ќе се сопнувате во текот на целиот ваш живот. Доколку такво нешто ви се случи, вие треба да свртите нов лист и да научите како максимално да го живеете животот кој ви е даден, како и да почнете да ги опростувате туѓите грешки. Морате да сфатите дека не секогаш светот се врти околу вас, бидејќи во спротивно, постојано ќе им се лутите и ќе им замерувате на луѓето во вашиот живот. На крајот на краиштата, секој заслужува втора шанса, нели!?

Високи очекувања од пријателите

Научете да направите еден чекор назад и да ја преиспитате ситуацијата. Обидете се да погледнете кон светот со други очи. Можеби ќе откриете дека она што сте го интерпретирале како недостаток на лојалност од нечија страна, не е ништо друго освен фактот дека вашите преголеми очекувања од некое пријателство, не се совпаѓаат со дефиницијата за пријателство која таа личност ја има во својата глава. Можеби ќе сфатите дека не станувало збор за некакво непокажување почит, лојалност или доверба. Можеби е тешко да ги преиспитате вашите сопствени идеали и да ги погледнете од поинаков агол, но тоа е најдобриот начин да сфатите дека, не секоја личност може да одговори на толку високи стандарди какви што имате вие.

Како другите го доживуваат лавот?

И покрај тоа што можеби сте „кавгаџиски“ настроени во некои ситуации, повеќето луѓе сепак ве доживуваат како пријатна, дарежлива и љубезна личност. Вашите колеги очекуваат од вас да бидете лидери на работното место и честопати ќе се обраќаат кај вас за совет околу работата. Вашите деца (ќе) ве сметаат за топол, искрен, срдечен и забавен родител. Вашиот љубовен партнер ве доживува како интересна, егзотична и страсна личност. Вашите родители ќе се гордеат со она што нивното дете го постигнало во животот. Како што можете да забележите, вашиот хороскопски знак има многу комплексна природа. Ако научите како да го контролирате вашето его, убавите аспекти од вашиот карактер ќе излезат на површина и ќе го заземат централното место во вашиот живот.

Креативност

Една помалку позната карактерна особина на лавовите, е нагонот кој тие го чувствуваат за создавање нешто, без разлика дали станува збор за глумење во претстава, пишување роман или нешто друго. Лавовите не се луѓе, кои можат само да седат и фантазираат за работите, туку сакаат нивната креативност да ја инвестираат во нешто што ќе роди плод.

Негативни особини на лавот

Ароганција

Лавот знае понекогаш да ги премине границите на нормалното однесување и може буквално да смета дека тој, заедно со неговото семејство и пријателите го сочинуваат центарот на универзумот. Како и да е, лавот има многу големо срце, поради што луѓето во неговиот круг имаат тенденција да му „прогледаат низ прсти“, кога арогантноста ќе му дојде до израз.

Ориентиран кон угледот

Лавовите сакаат да ги држат најдобрите нешта во свои раце. Сакаат да возат најубав автомобил, да живеат во најубава куќа, да се облекуваат во најмодерна облека, да ручаат во најелитните ресторани… Тие понекогаш премногу се внесуваат во светот на раскошот, што забораваат дека материјалните работи не се градители на нивната личност, туку она што го носат во душата. Ако забележите дека оваа потреба да се покажете и докажете пред светот со скапи работи ви се случува и вам, сопрете навреме и запомнете дека вашата искреност спрема себеси, е она што ќе ве направи уникатна личност, различна од сите останати во светот.

Темната страна на самобендисаноста

Вашата потреба да бидете во центарот на вниманието, честопати доаѓа во пакет со една негативна страна. Понекогаш, кога ќе сфатите дека сите знаат дека вниманието е постојано свртено кон вас додека зборувате, вие почнувате да ги игнорирате проблемите на вашите пријатели и членовите на вашето семејство и го ставате фокусот на вашите лични драми. Кога тоа ќе се случи, обидете се да се повлечете малку. Една од вашите најголеми карактерни квалитети, е вашата дарежлива природа. Помешајте ја вашата дарежливост со обид да слушате малку повнимателно додека некој друг зборува и ќе оставите впечаток на многу мила и фина личност, достојна за почит.

Лавот во љубовта

Кога припадниците на овој хороскопски знак се заљубени, нивните најголеми квалитети доаѓаат до израз. Ако ве сака некој лав, вие ќе бидете облеани со скапи подароци, ќе ве однесе на „најжешките“ места за ноќно лудување, а кога е во романтично расположение, ќе ви заѕвони на врата со букет цвеќиња и шампањско. Ако вашата дефиниција за љубов, е базирана на некој романтичен филм, лавот може да ви помогне да си го остварите тој ваш љубовен сон.

GOLD
To Top