Новости

Автомобили

Новиот автомобил на Bugatti изнесува 30 илјади евра

Богаташите за кои 30 илјади евра не значат премногу, можат да го нарачаат детскиот автомобил на Bugatti во кои нивните најмлади ќе можат да возат со 20 км/ч.

На саемот за автомобили во Женева, Bugatti ги воодушеви љубителите на луксузните и егзотичните возила со ремек делото наречено La Voiture Noire. Автомобилот кој плени со својот изглед и перформанси веќе е продаден на таинствен купувач кој за него издвоил 16,7 милиони евра.

Но, доколку сакате да поседувате автомобил од оваа марка, не мора да имате речиси 17 милиони евра – доволни ви се “само” околу 30 илјади евра, колку што изнесува второто возило претставено на женевскиот саем. Доколку се прашувате какво Bugatti можете да добиете за 30 илјади евра, одговорот е – детско.

Еторе Бугати за четвртиот роденден на синот Роланд во 1926 година, одлучил да направи детска верзија од моделот Type 35, за кој оваа компанија вели дека е најуспешниот тркачки модел на сите времиња. Така настанал т.н. Bugatti Baby, модел кој во рок од десет години бил продаден во 500 примероци.

За својот 110-ти роденден, автомобилскиот бренд одлучил да произведе модерна верзија и со тоа го претставил Baby II, модел кој исто така ќе биде изработен во 500 примероци, но за разлика од претходниот модел, димензиите ќе бидат поголеми.

Baby II го придвижува електричен мотор, а достапни се два начини на возење – детски, во кој брзината е ограничена на 20 км/ч. и возрасен начин со кој ќе може да се вози и со 45 км/ч.

Производството на Bugatti Baby II ќе започне наесен, а доколку сакате да бидете горд сопственик на Bugatti, ова е единствена прилика да купите автомобил по “поволна” цена.

 

GOLD
To Top