Новости

Автомобили

Што ако наместо кочница, случајно притиснете гас? Toyota има решение за тоа

Кон почетокот на јули, јапонското министерство побарало решение од Toyota и уште седум големи произведувачи на автомобили за несреќите предизвикани од погрешната примена на педалата за гас и кочница.

Како што пишува “Motor1”, во првите шест месеци оваа година се случиле 149 сообраќајни несреќи со смртни последици во кои учествувале возачи постари од 75 години, а според податоците на локалната полиција, до 11 отсто од тие несреќи дошло бидејќи возачот по грешка додал гас наместо да ја притисне кочницата.

Но, Toyota брзо дошла до решението – овој автомобилски бренд наскоро ќе претстави нова функција која ќе спречи такви несреќи, односно ќе го спречи возачот наместо кочница да притисне гас.

Фокус на пешаците и велосипедистите 

Како што објавил “Japan News”, Toyota се фокусирала на поинаква функција од онаа која веќе постои. Имено, повеќето од тие постоечки функции на спречување на додавање на гас се однесуваат на препреки како ѕидови или друг автомобил. Но, Toyota ќе претстави функција која ќе се фокусира на пешаците и велосипедистите. Иако веќе некои автомобили имаат слична функција и детектираат пешаци, во овој случај станува збор за исклучување на моторот ако автомобилот детектира пешак или велосипедист пред себе, а возачот притоа ја притисне педалата за гас.

Исто така, новата функција ќе оневозможи “гас до даска” дури и ако автомобилот не детектира никаква препрека пред себе. Во тој случај, силата на моторот автоматски ќе се намали. “Japan News” наведува дека другите произведувачи нема во целост да се сложат со таквата функција бидејќи постојат случаи во кои на возилото навистина му е потребно малку поголемо забрзување.

Toyota сака да ја вгради оваа функција во автомобилите што поскоро, надевајќи се дека веќе до крајот на годината ќе започне со најпопуларните Prius модели, а откриле дека ќе овозможат вградување на ваквиот систем и во постарите модели.

Засега не е познато дали функцијата ќе се вградува и во автомобилите кои се наменети за пазарите надвор од Јапонија.

 

GOLD
To Top