Новости

Автомобили

Audi ги претстави хибридните модели Q5, A6, A7 и A8

Компанијата Audi пред почетокот на Саемот за автомобили во Женева ги претстави plug-in хибридните модели Q5, A6, A7 и A8.

Четирите нови модели ќе бидат официјално претставени во Женева, а нарачките за нив ќе почнат малку подоцна. Сите модели ќе ја носат новата ознака TFSI e.

Хибридните Q5, A7 и A7 доаѓаат во две верзии со ознаки 50 TFSI и 55 TFSI. Во првиот случај, автомобилот го движи 2,0-литарски четирицилиндарски турбобензинец на Audi во комбинација со електричен мотор, а развива 291 кс и 450 Nm.

Audi 55 TFSI има 3,0-литарски V6 бензински мотор со ист електричен мотор и заедно испорачуваат 357 кс и 500 Nm. И двата TFSI e модели ќе користат седумстепен S tronic менувач со двојно квачило, а погонот е на сите четири тркала.

Новиот хибриден A8 исто така доаѓа во две верзии со ознаки 55 TFSI e и 60 TFSI e. Послабиот модел користи ист погон како моделите Q5, A6 и A7, а 60 TFSI претставува помоќна верзија и нуди 436 кс и вртежен момент од 700 Nm. Разликата е во тоа што A8 користи осумстепен автоматски менувач со конвертор на вртежниот момент.

Сите модели TFSI e на Audi  имаат литиум-јонска батерија од 14,1 kWh која е поставена долу. Со користење само на електричниот погон, автомобилот може да помине нешто повеќе од 40 км.

Возачите може да бираат меѓу три погонски опции – EV, Auto и Hold – со кои се одредува приоритетот, односно се бира само електричниот погон, потполно автоматски хибриден погон или опцијата за заштеда на енергија.

Третата опција одржува константно ниво на полнење во батеријата и на тој начин овозможува потполно електрично возење до крајот на патувањето.

На возачите ќе им бидат на располагање и дополнителни опции на возење, и тоа comfort, efficiency, auto и dynamic.

Цената на моделите уште не е позната, а повеќе детали се очекуваат на Саемот за автомобили во Женева.

GOLD
To Top