Новости

Автомобили

MINI го слави својот 60-ти роденден

Британскиот произведувач неодамна го произведе 10-милионитиот автомобил во својата 60 години долга историја.

Популарниот MINI се појави пред точно 60 години – на 26-ти август 1959 година, кога беше претставен првиот модел под ознаката Morris Mini-Minor. Во тоа време го произведувала компанијата BMC (British Motor Corporation).

Во првата деценија од своето постоење, моделот бил продаван во рамки на британските брендови Morris и Austin, а оригинално го придвижувал 4-цилиндричен бензинец со 34 коњски сили. Иако од денешна перспектива моторот изгледа слабо, во тоа време и за толку мал автомобил бил сосема доволен.

MINI многу брзо ја добил наклонетоста од љубителите на автомобили, како на Островот, така и на друите пазари, а во 1960 година понудата била проширена со “van” верзија, за набрзо да стигне и караван варијанта.

Фабриката во 1961 година пласирала и пикап верзија од моделот MINI на пазарот.

Следела првата Cooper варијанта која ја развил познатиот инженер и произведувач на спортски автомобили, Џон Купер. Производството на оригиналниот модел MINI Cooper било ограничено на само 1000 единици, а за погон бил употребен 1.0-литарски мотор со 55 “коња”.

За купувачите на кои и тоа не им било доволно, била направена верзија наречена Cooper S со мотор со зафатнина од 1.071 кубни центиметри кој испорачувал 70 коњски сили. Cooper S се појавил и на рели патеките во 1963 година, за набрзо да победи во својата класа на релито Монте Карло и да го повтори истиот успех во 1964, 1965 и 1967 година.

Големиот пресврт за MINI се случил во 1994 година, кога веќе помалку заборавениот бренд го купува BMW групацијата. BMW продолжува да го произведува класичниот MINI, со одредени унапредувања и модернизација, вклучувајќи и вградени воздушни перничиња во 2000 година.

Најпосле, во 2001 година е претставена современата верзија со модерен дизајн, но во ретро стил од која настанала потполно нова генерација на модели меѓу кои биле Cabriolet, Coupe, Roadster, Clubman, Countryman.

GOLD
To Top