Новости

Интервју

Интервју со Гордана Угриновска, прогласена меѓу најдобрите просветни работници во Македонија

Одделенскиот наставник Гордана Угриновска од ОУ „Елпида Караманди“ од Битола беше прогласена меѓу најдобрите проветни работници во Македонија за учебната 2017/2018 година од Министерството за образование и Сојузот на просветни работници. Нејзе и беше доделена плакета за постигнати видни резултати во воспитно-образовната работа и други активности во училиштето каде работи. Угриновска има работно искуство од 25 години, а редовно учествува на работилници, семинари, конференции и има добиено повеќе сертификати и била дел и од повеќе проекти. Во 2006 година, по повод 24 Мај, Денот на словенските просветители Кирил и Методиј, се стекнувала со признание за просветен работник на ниво на град Битола во рамките на Здружението на просветни работници од основно и средно образование, Битола. Добитник е и на други награди, плакети, признанија и благодарници. Поразговаравме со неа за признанието, предизвиците, но и за професијата која носи голема одговорност за воспитување на идните генерации.

Шеталиште: Што значи за Вас признанието кое го добивте за најдобар просветен работник?

Гордана Угриновска: Секое признание претставува голем мотив за секој човек, така и за мене ова признание има големо значење. Тоа е потврда за целиот минал труд и влог што сум го вложила во мојата работа. Признанието е завет за уште  поголема и посилна мотивација и посветеност да  се вложам во моите сегашни и идни воспитаници. Тоа уште значи потврда дека сум на добар пат за исполнување на мојата мисија како учител.

Шеталиште: Што е она што Ве исполнува во работата како наставник?

Гордана Угриновска: Повеќето учители ја избираме оваа професија затоа што е професија со која им помагаме на другите. Да се посветиме на децата, нашите воспитаници, значи да се внесе промена во нивниот живот.

Шеталиште: Што е најголемото достигнување за еден наставник?

Гордана Угриновска: Вербата, силната емпатија, љубовта кон мојата професија, секако и кон моите воспитаници ќе ми биде патека по која ќе се движам наредните години се до моето заминување во пензија. Тоа да се прави воопшто не е лесно, бара голема самопожртвуваност.Иако некои учители оставаат впечаток дека е лесно, поучувањето може да биде маратон со пречки, справување со безброј невидливи кочници, но искуството и посветеноста ги прават таквите тешкотии да бидат лесно премостени и совладани. Секако, признанијата претставуваат висок дострел за секој наставник, учител, но кога ќе погледнам наназад годините колку само генерации сум извела, колку од нив се денес успешни граѓани, сега веќе и млади родители, нивното напредување, развивање во здрави и здрели личности е еклатантен пример за најголемо достигнување со кое би се гордеел секој еден учител.

Шеталиште: Со оглед на Вашето долгогодишно искуство, дали може да ни кажете колку е променето образованието, правејќи споредба од почетокот кога почнавте и сега?

Гордана Угриновска: Промените во образованието се неминовни, прашање е колку се квалитетни тие промени и какви влијанија ќе извршат истите на младата популација. Во изминатите години често се вршеа различни реформи со цел да се изврши некоја позитивна промена, но…..Промената е во методичкиот карактер. Некои од тие промени се јавија како последица на објективните услови на работа во училиштето, некои како резултат од недоволната посветеност на суштинските елемети врз чија основа се идентификува функцијата на училиштето, како да се стекнуваат знаењата, односно, дали усвоените знаења поттикнуваат развој на одредени способности кај ученикот.

Шеталиште: Што мислите за новите генерации наставници? Постои ли разлика меѓу старата школа учители и младите наставници?

Гордана Угриновска: Генерално земено, постои разлика, но тоа во многу зависи од личниот развој и посветеноста во самата  работа. Колку ќе умее да  „краде”  од повозрасните колеги, учители.

Шеталиште: Кој е пристапот кој според Вас треба да го имаат наставниците кон децата за да излезат силни и образовани идни генерации?

Гордана Угриновска: Чесноста, дефинитивно е пристапот според кој  треба да го имаат наставниците кон децата за да излезат силни и образовани идни генерации. Учениците сакаат искрени правдољубиви наставници кои ќе имаат ист третман кон сите, свои воспитаници. Следствено, мотивираниот наставнике е урнек за мотивиран ученик. Наставникот кој е позитивен внесува позитивност кај своите воспитаници. Наставникот кој покажува трпеливост кон своите ученици ќе развие толерантни млади личности кои понатаму во животот ќе се развиваат како такви.

Шеталиште: Што е најважно за еден наставник да ужива почит и кај учениците, но и кај родителите?

Гордана Угриновска: Принципиелноста, доследноста се одговорите на ова Ваше прашање. Грижата и емпатијата за учениците од страна на наставникот, развива доверба кај родителот и неговото дете, а со тоа  наставникот стекнува и почит.

GOLD
To Top