Новости

Интервју

Интервју со Зоран Ристевски, директор на ЈКП „Пела Хигиена“ – Могила

Поразговаравме со директорот на ЈКП „Пела Хигиена“ – Могила за работењето на претријатието, кои се предизвиците со кои се соочуваат и кои се нивните планови во иднина. Директорот Ристевски потенцира дека нивната најголема цел е да напредуваат.

Шеталиште: Од неодамна сте директор на ЈКП „Пела Хигиена“ во Општина Могила. Кои се предизвиците кои стојат пред Вас со преземањето на функцијата?

Зоран Ристевски: Ова е мој прв мандат како директор на ЈКП „Пела Хигиена“ – Могила. Како директор сум и повеќе од задоволен од она што ни е како професионална активност и од она што со моите колеги и менџерскиот тим успеавме да го сработиме, она што е наша должност за Општина Могила. Се надевам дека во иднина ќе одговориме позитивно на сите предизвици. Секогаш може да биде и подобро и ќе тежнееме кон тоа услугата кон нашите граѓани да биде на што повисоко ниво.

Шеталиште: Во каква состојба го затекнавте ЈКП „Пела Хигиена“. Постојат ли проблеми со кои претпријатието се соочува и доколку ги има како ќе се решаваат?

Зоран Ристевски: Со преземањето на претпријатието затекнав многу неиздадени сметки и недадени плати на вработените, така што уште во првите 45 денови ги подмиривме сите обврски. Мислам дека некои објективни и субјективни причини кои ни прават проблеми во работењето, во текот на наредните години ќе успееме да ги отстраниме. Секогаш постои мала група на граѓани со кои имаме проблеми, но со меѓусебно разбирање може д ги надминеме. Продолжуваме со оние професионални дејности како што се управување со отпадот, управување со јавната чистота, јавното зеленило, прибирање и отстранување на отпадните води. Претпријатието е во добра состојба, оперативно и финансиски и се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме со исто темпо.

Шеталиште: Пред неколку години поројните дождови и обилните врнежи од снег предизвикаа проблеми и поплави во општина Могила. Колку претпријатието е подготвено да се справи со вакви ситуации, дали поседувате соодветна механизација?

Зоран Ристевски: Со таква природна непогода како што беа поплавите во 2015 година ние не можеме да се справиме бидејќи не поседуваме соодветна механизација. Во моментот расолагаме само со ровокопач (скип) и трактор. Но, доколку во иднина би располагале со соодветна механизација, ние сме секогаш подготвени да одговориме на предизвиците.

Шеталиште: Јавната чистота во општина Могила бара максимално ангажирање. Сепак станува збор за општина во која влегуваат 22 села. Колку претпријатието е подготвено да се погрижи за тоа?

Зоран Ристевски: Ние како јавно претпријатие се трудиме максимално околу јавната чистота во секое село. Еколошката светс кај нашите граѓани за жал се уште е на ниско ниво. Со текот на времето тие навики треба кај сите граѓани да се искоренат и секој од нив ќе треба да го почитува тоа, затоа што во спротивно тоа ќе се одрази врз сите нас.

Шеталиште: Како оди наплатата на сметки? Колку граѓаните ги извршуваат своите обврски кон Вашето претпријатие?

Зоран Ристевски: Воглавно немаме проблеми со наплатата. Како рурална средина знаеме дека на жителите во Општина Могила примарна дејност им е земјоделието и најголем прилив на финансиски средства за услугата на ЈКП добиваме во есенскиот и зимскиот период кога и самите граѓани имаат прилив на финансиски средства. Наплатата на годишно ниво изнесува 80%.

Шеталиште: Кои се приоритетите на ЈКП „Пела Хигиена“ во наредните 4 години?

Зоран Ристевски: Приоритет на Општина Могила е да го врати кредибилитетот на ЈКП. Со преземањето на функцијата в.д. директор на ЈКП „Пела Хигиена“ приоритет ни е нашето претпријатие да организира собирање на отпад и во останатите 6 села во кои досега не се извршуваше. Исто така планираме да набавиме уште едно возило со поголем капацитет за собирање отпад. Нашата најголема цел е да напредуваме.

GOLD
To Top