Новости

Интервју

,,Битола е уметност, но градот зависи од љубовта кон тоа!” – Интервју со Александар Поповски, ликовен уметник и виртуоз на платно

Очите имаат избор. Изборот е помеѓу две страни, две хемисфери, два светови. Едниот е реалноста и се она што ни го нудат на ,,дофат”, а другиот е оној креативниот, бесконечен избор на волшебни моменти, архаични универзуми, предизвици кои всушност можат да ги видат само едни очи. Очите на уметникот.

Сакајќи за момент и ние да се доближиме до тој свет, поразговаравме со, заслужено би рекле, нашиот битолчанец – виртуоз на платно. Неговите слики се толку реални, што на прв момент, имаме чувство дека гледаме фотографија, а потоа, откако сфаќаме дека се работи за слика, започнуваме да размислуваме околу приказната што се крие зад таа четка. Зборуваме со Александар Поповски, извонредно талентиран ликовен уметник од Битола, член на ДЛУБ и име кое допрва ќе го чуе светскиот аудиториум.

Што е она што најповеќе те инспирира? Каде твори Александар?

Александар: Луѓето, нивните емоционални состојби и случки. Секој живот е посебна приказна која служи како инспирација, и затоа во портретот се пронаоѓам најповеќе. Секоја слика е ново запознавање. Творам во мојот дом, во тој приватен простор каде се чувствувам длабоко фокусиран.

Шеталиште: Страст, генетика или ,,експолозија”? Каде и како е сместена уметноста во твојот ,,mindset”?

Александар: Мислам дека уметноста е самиот начин на живот, а секој човек има дар од Бог кој треба да го негува и работи на него, да се умее да се пренесе една порака на надеж и светлина.

Творењето на едно дело е само последица на мојот поглед на светот, а можноста да творам е нераскинлив дел од мојата личност, слободно и одговорно!

Шеталиште: Имаат ли твоите цртежи некоја позадинска приказна што се крие зад платното?

Александар: Имаат секако. Приказната е самиот почеток на сликата уште пред да започнам да сликам, а гледам да откријам само дел кој на гледачот ќе му биде доволен, за вовед во неа или пак да си направи своја!

Шеталиште: Ако сега си реинкарниран и ова е некоја втора верзија, кој уметник си бил во минатото? А и обратно, што би бил во овој живот, ако не ова?

Александар: Она за што јас копнеам, е да живеам во полнотата на мигот, моето убедување за животот целокупно го црпам од изворот на вистината – мојата православна вера, и искрено… немам размислувано на таа тема.

Верувам дека животот е еден, и моментално сум тоа што сум и сум крајно благодарен.

Шеталиште: Секогаш реализам или може да се случи промена? Постои ли можеби длабоко во тебе некој ексцентрик или си далеку од останатите правци? Постои ли можеби некој експресионист зад ,,завесата” на пример?

Александар: Во реализмот се пронаоѓам најповеќе, а ако би се случила таква промена, нека се случи на природен и спонтан начин без преоптоварување на мислите за иднината, се трудам да го правам тоа што го чувстувам во моментот!

Шеталиште: Неодамна бевме присутни на Ноемвриската изложба на ДЛУБ. Посебен впечаток ни остави твојата слика. Интригантна, полна со емоции… Истовремено почувствувавме и тага и некакво ослободување, некој спас… Ок, можеби ова не е точната информација што треба да ни ја пренесиш, но нели тоа е убавината на уметноста. Слободата и различната перцепција… Сепак не скокотка љубопитноста.

Ако оваа, мора да признаеме маестрална слика, ја замислиме како книга, што се случува во неа? Кој е заплетот или кој дел од приказната е претставен на тоа платно?

Александар: Како што споменав претходно, за приказната во една слика… Баш таму, во таа слика е претставен моментот каде што гледачот има слобода да си створи сопствена приказна преку неговото доживување.

… Може да биде и на сам почеток на книга, но и на крај. Во ,,мојата книга”, оваа сцена е точно на средината, каде што темнината исчезнува од надоаѓањето на светлината, тагата се заменува со радост.

Шеталиште: Најпрво визуелизираш и добиваш иста слика како што си замислувал или на крај излегува нешто друго? Дали е тоа потсвесна експресија на нешто латентно?

Александар: Најважна е првичната замисла и приказна за сликата која сакам да ја насликам, па кога се водам по таа основа чувствувам слобода која ми дозволува да правам измени во текот на изработката, а да не ја изгубам пораката која сакам да ја пренесам. Процесот на творење е една прошетка низ градината на фантазијата!

Шеталиште: ,,Животот ви ја крши душата, а уметноста ве потсетува дека ја имате!” – Стела Адлер, актер.
Што се случува со уметноста во Битола? Има ли таа душа? Останува, пулсира, живее или за жал одлетува…?

Александар: Ќе ви дадам еден практичен пример. Ако насликате слика и внесете негативни емоции, елементи, таа слика ќе биде депресивна. Ако насликате слика пак, каде што имате живот, радост, позитивна енергија и ведри чувства, тоа ќе биде радосна слика, ќе манифестира светлина.
Ние ги доживуваме нештата врз основа на тоа како се чувствуваме внатрешно и колку придонесуваме тие да пулсираат. Се зависи од љубовта, се додека постојат уметници во кои има голема љубов за творештво, во кои има толку голем обем и градација, и преку таа љубов ги вклучуваат сите оние љубители на уметноста во тој светол и позитивен поглед, се дотогаш градот Битола ќе остани место каде уметноста ќе живее и ќе сведочи со своето постоење преку сите нејзини дела!

Подготви: Елена Трпковска Наумовски

Евротип
SNBROKER
To Top