Новости

Интервју

Битолчанката Ангела Апостоловска дел од новата сезона на „Преспав“

Ангела Апостоловска е 24-годишна битолчанка која првите почетоци од својата актерска кариера ги започна на Универзитетот за Актерство од Букурешт, Романија. На Ангела оваа година и беше врачена титулата магистер во одделот на Театарот и Актерството. Младата актерка имаме шанса овој пат да ја следиме во новите епизоди на македонската комедија „Преспав“, кои се снимаа во Скопје, а ќе се емитуваат  на 11.01 и 12.01. Низ разговорот со Ангела за Шеталиште, дознаваме повеќе информации за нејзината улога во Преспав, тимот на талентирани актери, кои ја поздравуваат македонската публика со уште неколку нови епизоди од новата сезона.


Шеталиште: Ангела, какво е чувството да се биде дел од „Преспав“ и што беше пресудно за ти да станеш дел од оваа навистина талентирана група на актери во Македонија?
Ангела: „Преспав“ ќе биде посебна приказна за мене. За време на моите петгодишни студии, во Букурешт, сум работела на разни проекти, со поголеми или помали продукции, но особено драго ми е што сега сум дел од овој голем проект во нашата држава. Задоволството е поразлично и поголемо и одговара токму на пораката секоја птица во своето јато. Неоспорно е тоа дека и претходно сум ја уживала привилегијата да бидам пред малите екрани и сум благодарна за секој еден проект затоа што од секој еден сум научила по нешто. Но, овој пат претчувствувам дека отпочнува едно ново поглавје на професионален план, кое ќе се трудам да биде уште поуспешно. А за тоа како стигнав до „Преспав“… Па, меѓу другото, дел од „Преспав“ беше предвидено да бидам уште во минатата сезона, но поради склоп на околности базирани врз моите студии во странство, беше тешко возможно. Не бев разочарана, напротив знаев дека се’ ќе си дојде во свое време.

Шеталиште: Што се однесува до твојата кариера, раскажи ни го накратко твојот пат, од самите почетоци на актерството, па се до денес.
Ангела: Ќе звучи како клише, но љубовта кон актерството ми се роди кога бев исклучително мала. За викенд, кога ќе се соберевме најблиските во домот, практикував да им правам шоу…како да бев излезена од некое кабаре. Менував разни костими, пеев, рецитирав, глумев. Кој би помислил дека некогаш сето тоа ќе се финализира на сцена\пред камера. Со други зборови, аматерски се занимавав со драмски изведби уште во школските денови. Во средно веќе станав член на битолскиот театар Дел Арте, а покасно на факултет почнав да се судирам со се’ она што значи театарот и нормално го разбирав многу подобро од претходно. На 18 години, заминав во Романија и ги започнав студиите на Букурешката академија, каде и дипломирав, а подоцна се закитив и со титулата на магистер. Во сите тие години, се трудев да растам професионално и на двете територии, рационално размислувајќи на тоа да не почнувам од 0 без разлика во која држава ќе одлучам да живеам. Фала Богу, бев успешна во тоа. Зад себе оставив три бесконечно вредни награди за најдобра глумица, десетици одиграни претстави низ Романија, нешто повеќе на наша територија, еден документарен филм за македонските Власи во кој се појавувам на позицијата на наратор, режисер и продуцент, како и разно разни реклами и серии. Тешко е активно да се дејствува во две толку оддалечени држави, но не и невозможно. Периодов пак, сум стационира и фокусирана на македонска територија и се трудам да надокнадам за “изгубеното”.


Шеталиште:  Според тебе и според она што си го видела надвор од нашата држава, што се мислиш дека и е потребно на Македонија за понатамошен развиток во овој оддел?
Ангела: Дефинитивно средни школи за глума и повеќе едукативни центри. Во Романија, а и генерално по другите држави постојат безброј едукативни центри кои се грижат за младите таленти дури од претшколска воздраст. Искрена да бидам, уште од првиот ден на факултет бев свесна за недостатоците. Се судрив со колеги кои долги години работеле во сферата на театарот и разликите меѓу моето претходно стекнато образование и нивното беа особено видливи. И уште една важна работа, проекти кои ќе ги поддржуваат и стимулираат младите актери.
Шеталиште:  Бидејќи ќе те гледаме во новите епизоди на „Преспав“, раскажи ни повеќе за твојата аматерска улога и пренеси ни ја накратко идејата на божиќната приказна.
Ангела: Првенствено, не би ја нарекла аматерска. Општо не ја поддржувам поделбата на улогите на мали и големи, аматерски, професионални и сл. Секоја улога, секој лик си има своја посебна приказна и тежина. Не би сакала да откривам многу за улогата, само ќе кажам дека во вакво издание сигурно не сте ме виделе. Предизвик и провокација е да се игра нешто контрасно од мене. Засега сакам да биде изненадување и да видам како публиката ќе го прифати ликот. Па, којзнае, можеби истата таа публика ќе биде сведок на растењето на оваа “мала улога”.
Шеталиште:  За крај, би сакала да те прашам, што се имаш да и кажеш на македонската публука?
Ангела: Ако исчитале досега, добро е, стигнаа и до делот кога ќе бидам кратка.
Најпрво, им посакувам Среќна Нова Година и Среќни Божиќни празници.
Да си имаме најуспешна година, исполнета со здравје и бесконечна низа авантури. Нашите домови да бидат исполнети со мир, спокој и радосни моменти покрај најсаканите. Да ми сте здрави и живи.Сакајте и бидете сакани.

Подготви: Сара Трајчевска

Евротип
Евротип
To Top