Новости

Интервју

Вложете труд, љубов и трпение, вели Александар Златановски, фотомодел од Битола кој го освојува светот!

Овој пат битолското кафе си го испивме во надворешна атмосфера заедно со еден млад дечко кој би го назначиле како позитива на денот. Неговиот млад дух, дефинитивно е зараза, па така неговата амбиција, не натера повторно да веруваме во нашите соништа. Можеби е тешко, но единствените кочници и барикади се само оние нашите сопствени мисли кои понекогаш знаат да се откажат без никаков влог. Неговиот влог, се вика надеж, верување и љубов, а денес тој е успешен на кариерен план. Битолчанец кој продолжува да го освојува светот преку неговата професија. Станува збор за моделот Александар Златановски.

Девојки убаво би било да седнете!

Шеталиште: Kој е Александар? Која е твојата приказна?

Александар: Александар, свесно ги следи и претпочита вистинските вредности во денешниов малку поинаков искривен свет. За себе би рекол дека сум едноставен, но во секој случај свој, а што се однесува до градењето на мојата приказна, можам да кажам дека не би се случила, доколку ги немав вистинските луѓе околу мене (пријатели, другари/ки).

Мојата приказна околу мојата желба за моделинг индустријата, како фотомодел, за која пред 4 години и не така сериозно ја сфаќав и прифаќав, започна со првата укажана прилика каде отидов на кастинг во Белград. Така се случи и мојата кариера започна да се развива интернационално, Сингапур, Индија, Германија. Пред моделството учев правни студии, а во меѓувреме работев хонорарно во компанија мултимедија и дизајн.

Шеталиште: Твојата матична агенција е сместена во Виена. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе околу работата како модел?

Александар: Модната агенција која ме застапува и се грижи за мојата кариера е во Виена, се вика Addicted To Models, но тоа не подразбира дека мојата работа е сведена само на таа локација.
Со оглед на моето искуство како докажан модел, и начинот на кој агенциите работат во модниот свет, агенцијата која ме застапува лесно ме поврзува, односно ме нуди (со соодветни слики и видеа кои исклучиво се наменети за тоа) кај други агенции и клиенти / брендови, што, потенцијално ме поврзува со цел свет.
Тоа подразбира дека постои можност да се работи секаде низ светот и дека воопшто не зависи од тоа каде се наоѓа седиштето на агенцијата која се грижи за вашата кариера, туку колку и е висок рејтингот – способноста, со колку клиенти (брендови), агенции е поврзана и умешно ги нуди моделите и соработува со нив, за чија успешност на нивната соработка исклучиво зависи од нас моделите, кои треба да ја докажеме во текот на сликањето (снимањето).

Шеталиште: Го прашавме Александар за времетраењето на една фотосесија. Нашето љубопитство нема граници, па сакавме да ни се долови токму тоа чувство кога позира пред објективот.

-Една фотосесија не може да се дефинира прецизно колку време трае точно, – вели Александар – Но во просек е од 7 до 10 часа, зависно од тоа што се слика, колкав е таргетот на облеката и продуктите кои треба да се сликаат.

Процесот на сликање… Хм…- се подготвува Александар за да ни го опише не баш краткиот процес – се појавувам на сет еден час пред сликањето, стилистите и мејкап артистот те подготвуваат за тој еден час додека дојде официјално времето за сликање, се прави тест сликање околу 10 ина минути додека се подготви светлото…Не е едноставно како на фотографиите нели? – низ шега ни раскажува – Се слика различна облека, стилистите постојано се задолжени да ти ја наместат облеката како што треба, мејкап артистот да поправи шминка и фризура, а на средина од работно време има еден час пауза и потоа се продолжува со работа додека не се заврши целосната сесија предвидена за тој ден.

Пандемијата ме научи да не планирам на долги стази, со надеж дека ќе стивни… Се разбира, ќе ја продолжам кариерата во светски рамки и имам уште неколку нереализирани цели кои ми се од особено значење во животот и знам дека ќе ги реализирам во блиска иднина. – вели Александар штом си помуабетивме за неговите идни планови и си се пожаливме за актуелната ситуација, која можеби го запре светот, но никогаш надежта.

Шеталиште: Александар, што се случува со модната индустрија со оглед на корона вирусот? Можеш ли да ни кажеш како ,,близок пријател” на модниот свет нешто подетално околу оваа криза? Има ли влијание пандемијата во твојата работа?

Александар: Како и во сите сфери, така и моделинг индустријата не беше поштедена овој проблем. Тоа се почувствува на економски план се разбира и тоа при првата половина од минатата година откако почна пандемијата. Тогаш, модниот свет, некако како да беше на пауза. Сепак, ова е креативен свет и со тек на време, модните агенции најдоа начин да работат некако, но… Се сретнаа со одредени бариери, како на пример, да работат исклучително со локални модели, кои „поевтино“ би ги платиле и не би носеле одговорности во тешки услови како сега, зошто често пати во ситуацијава во која се наоѓа цел свет, тешко се патува и се прави трансфер од една во друга земја.

Што се однесува лично за мојата кариера, веќе неколку букирања за работа на неколку пазари низ Европа чекаат на подобра ситуација, за да продолжам од каде што застанав.

Шеталиште: Имаме имформација дека деновиве во тек е изработката на твојот нов вебсајт. За што станува збор? Новост, некои нови претензии?

Александар: Информацијата е точна. За скоро треба да го дореализираме и другиот дел од блогот, мојот вебсајт со тимот кој работи на истиот. Тоа е предвидено да се случи некаде до средината на Мај.

Станува збор за блог кој ќе понуди совети за здрав начин на живот околу исхраната и физичката активност, колку е важно да се грижиме за нашето здравје преку внесување на здрава храна и примена на соодветна физичка активност, а со тоа и да добиеме „гратис“ убав и фит изглед. На сајтот ќе можат да се купат видео вежби кои ќе ги презентирам јас, и ќе бидат лесно изводливи во домашни услови. Вебот, освен што ќе понуди бесплатни совети, сите заинтересирани ќе можат да ми се обратат и за изработка на персонализиран план за исхрана доколку имаат проблем со вишок килограми. Идејата долго време ја носев и сметам дека го одрбав вистинскиот момент да ја реазлириам.

Доволно сум компетентен за тоа, поради фактот што 10 години сум активен физички во полето на фитнес, јога, кросфит и кикбокс, поткрепено со искуство врз мене, моите блиски и надополнето со завршени курсеви за истото.

И успешноста на моделинг кариерата му зависи од неговиот физички изглед, па Александар вели дека благодарение на правилната исхрана и соодветните рутини и вежби, денес е во одлична, здрава и фит форма.

– До комплетната реализација, засега сите заинтересирани за здрав начин на живот можат да ме следат на Инстаграм профилот: www.instagram.com/alexfit.online

На прашањето кое скоро секогаш го поставуваме, кое е поврзано со леснотијата да се исполнат целите, да се остварат соништата и како оди тој процес во нашата земја, овој успешен млад дечко мудро ни одговори:

– Соништата никогаш не е лесно да се остварат, веројатно затоа се и под тој „назив“.

Оние кои веруваат во себе и континуирано работат кон реализација, неизбежно ќе ја постигнат целта, порано или подоцна, доколку вистински го сакаме тоа што ни е цел/сон, ќе имаме и трпение. Во нашата земја можат да се остваруваат соништа, но ако зборувам за себе, моите соништа биле и се’ уште се преголеми за да можам да ги остварам тука, а и оние кои сум ги остварил, сум морал и морам надвор од тука…

Со последната голтка од нашето утринско кафе во градскиот парк, го побаравме рецептот за постигнување на целта? Еве каков совет ни даде Александар:

„Да сакате, да верувате во себе и она што го правите, вложете труд, љубов и трпение. Ништо не е недостижно, ако доволно се сака!“

На Александар му се восхитуваме и му посакуваме уште многу успешна работа, а вие погеднете ја подолу неговата галерија и…Епа што чекате. Време е за вашите соништа! Но, најпрво почастете се со кафе, за што повеќе да се расоните бидејќи соништата се сонуваат со отворени очи!

GOLD
To Top