Новости

Интервју

Волонтерските акции и одржувањето на животната средина, најмоќни дела во 21 век

Стефан Јузмески потекнува од Охрид и е дел од многу проекти, како низ Македонија, така и низ светот. Студиите ги заврши во Констанца, Романија и воедно  ја доби титулата успешен студен во одделот на економијата и маркетингот. Во последните неколку години, Стефан, е желен да помага, волонтира и да ја шири хуманоста. Во интервју за Шеталиште, тој пренесува дел од своите лични искуства и не советува да ја заштитуваме животната средина, како и да го користиме нашето време волонтирајќи на некој проект. За него човечноста е една од најзначајните карактеристики кои може да ги има човек во 21 век.

Шеталиште: Стефан, волнтерството е еден многу значаен потег за подобро утре, од каде потекнува целата таа желба да волонтираш на различни проекти и кои се места си ги посетил благодарение на истите?
Стефан: Не сме растенија и немаме корења за да стоиме на едно место. Со волонтирање на различни страни не само што стекнав ново искуство, туку и постојано го надоградувам левелот на едуцирање, патувам на различни места, запознавам нови луѓе, се среќавам со различни култури. Волонтирањето не е воопшто исто со образованието. На училиште се стекнуваме со знање, додека со волонтерските акции го споделуваме знањето со онои околу нас. Чувството што знам дека сум помогнал некому ме прави секогаш да се чувствувам многу подобро, многу посреќно.. Feedback-от помеѓу нас, луѓето, сметам дека ни помага во развивањето на опшеството. Давам од себе максимално во секој еден проект. Сум бил во Италија, Грција, Турција, Романија и т.н.

Шеталиште: Кои се твоите амбиции, планови за понатаму? Кои се нештата кои би ги издвоил како најзначајни во меѓучовечките односи?
Стефан: Сметам дека комуникацијата е една од главните водилки во градењето на човековите односи. Секој еден поединец сметам дека треба отворено да ги споделува своите ставови, идеи, мисли, затоа што само така ќе одиме напред. Значајно е да бидеме добри слушатели, да споделуваме позитивни емоции и да дејствуваме навреме. Волонтирањето на различни страни од светот ме научи дека подобро е да се дејствува навреме, отколку да се чека ситуацијата да стане полоша и покомплицирана. Во секој проект ја споделував мојата искреност поткрепена со ставови и аргументи и се трудев да го извлечам најдоброто од себе за да помогнам некому.
Шеталиште: Што претставува за тебе животната средина и со кои се идеи си се здобил низ годините за нејзината заштита?
Стефан: Се е животна средина, нашиот дом внатре, како и оној надвор, улицата во која сме пораснале, населбите, селата, градовите, државите. Целиот свет е наша животна средина. Со помош на многуте проекти сфатив колку всушност сме ја уништиле средината во која сме растеле. Состојбата е навистина критична, а сето ова се должи на нашите навики и начинот на кој сме одбрале да живееме. Постојано се среќаваме со нови измутирани болести, загаден воздух, ефекти од стаклената градина, топење на мразот, се почестите поплави и земјотреси, секоја година нов пораст на температурите, загадувањето на водата се само дел од работите со кои денес се соочуваме и кои беа дебатирани на многуте волонтерски акции за заштита на животната средина. Промената почнува од нас, само заедно можеме да дејствуваме подобро. Една македонска говорка вели „Со слога можеш да поместиш планина”. Иднината е во новите генерации, се надевам дека моралот ќе проработи, нивото на едукација ќе се зголеми и етичноста конечно ќе стапи на сила.
Шеталиште: Кога би можел да бираш помеѓу економијата и волонтирањето, што би одбрал за понатамошниот развиток на твојата кариера?
Стефан: Во моментот се наоѓам во Будимпешта и работам на еден нов тренинг за стекнување ново и доста возбудливо работно место. Што се однесува до економијата и волонтерството, можам да кажам дека владее огромна поврзаност. Правиме планови како да го подобриме опшеството во кое живееме со користење на финансиска помош од европската унија. Кога би требало да бирам, би ги избрал и двете, затоа што реализирањето на една добра идеја бара однапред смислен и организиран план.
Шеталиште: Какви се твоите досегашни искуства во одделот на волонтерството и за какви проекти станува збор?
Стефан: Сум бил дел од многу проекти, како назначајно искуство за мене би ја издвоил Турција. Таму чистевме градови, им нудевме помош на бегалците, држевме бесплатни часови за учење на јазици, пишувавме проекти и истите ги имплементиравме наоколу.
Шеталиште: Бидејќи секојдневно се раѓаме за да ја видеме нашата подобра верзија од себе, кои се твоите препораки за младата популација што се однесува до хуманоста и заштитување на сопствената животна средина?
Стефан: Многу добро прашање. Се раѓаме за да ја видеме подобрата верзија од себе. Најчесто сакаме да дејствуваме и да бидеме како другите, да наликуваме на некој друг, но всушност се што треба да направиме е денес да бидеме подобри од вчера. Промената почнува од нас, од мене и од тебе. Се што сакам да посакам е доза искреност, почит, хуманост и позитивно реагирање. Имајте волја и дискутирајте ги работите со блиските, со професорите, со вашите надредени, бидете отворени и искрени, само така ќе успееме да се избориме да живееме во подобро утре.

Разговараше: Сара Трајчевска

Евротип
SNBROKER
To Top