Новости

Интервју

Запознајте го Никола Тргачевски – Кумбата во едно поинакво светло

Го познаваме како Кумбата од ,,Солза и смеa”. Но, Никола Тргачевски има и друга страна. Никола – Кумбата е мајстор во кујната, а таа пасија малкумина ја знаат за него. Тој цел „филм“ е дискретно или не, поврзан со она нешто што се нарекува уметност, а според она што го знаеме за него, евидентно е дека неговата креативност не познава граници.

Шеталиште: Како сфати дека го сакаш готвењето? Го паметиш ли тој момент? Што е она што „кликна“ за да ја започнеш оваа „кулинарска“ приказна?

Никола: Сакаш да кажиш дека не се познава? Хахаха… Шала на страна, сметам дека секој човек има во себе уметност која треба некако да избие на површина. Можеби тоа што воопшто не ме бива за пеење и за цртање ми изби на друго место, односно во готвењето. Пред се ме опушта, ми ја развива креативноста, а и сакам да ги гледам среќните лица на тие што после ќе јадат. А првиот момент, секако дека го паметам, тоа беше првиот грав што го сварив на 10 години – потоа следуваше неизмерна среќа, возбуда, горд бев на себеси исто како да сум зготвил морски специјалитет.

Шеталиште: Кумба кои беа првите обиди да зготвиш нешто вкусно? Сподели некое искуство од твоите, претпоставувам урнебесни почетоци? Или можеби веднаш стана професионалец, маестро?

Никола: Секако дека не станав веднаш професионалец… Тука следуваа многу нервози и разочарувања, многу загорени тавчиња и тенџериња, многу наново и наново започнати рецепти. Некогаш од жал за продуктите што сум ги потрошил знаев со сила да јадам изгорено… ама така почнал и Џејми Оливер, нели? Или не…

Шеталиште: Сакаш ли друштво во твојата кујна или гужвата го оневозможува процесот на креативност?

Никола: Не, не и не! Ако нешто премногу ме нервира тоа е кога некој ми се плетка во кујна додека готвам и цело време ги брцнува прстите во тоа што го правам. Сакам да готвам додека пијам вино и се дружам со пријателите, но претпочитам тие секогаш да бидат од другата страна на шанкот. Зад „ѕидините“ на шанкот си владеам само јас во мојата мала „кујнска монархија“.

Шеталиште: Лично, имам пробано од твојата кујна и можам да заклучам дека си маестрален. Имаш ли тајна состојка што човек го тера постојано да се враќа на сеќавањето од тој посебен вкус? Со други зборови, со што не магепса?

Никола: Мислиш на еликсир? Секако дека имам! Капнувам по 7 капки во секое јадење и тука нема утка. Сериозно, сметам дека тајната на вкусните јадења најповеќе е „љубов“. Ако подготвуваш со љубов и внимание секогаш ќе има среќен крај. Ако готвиш само за да се најадиш, а не и да уживаш – нема смисла. Ако веќе не јадиш – нека уживаат другите!

Шеталиште: Омилен рецепт?

Никола: Да го јадам или да го припремам? Мислам дека нема готвач со омилен рецепт. Тоа мора да биде во множина… Или во множества… Или во мини универзуми… Секоја група на јадење различно се подготвува и од нас бара различни вештини… Некој баш сака да се бори со тесто, некој е добар и трпелив со месо, а некој ужива во креативни салати. Сепак сметам дека на готвачите треба се’ да им е вкусно пред да го послужат. А кога сум јас во прашање – навистина уживам во креирање и јадење на добри и модерни калорични бургери.

Шеталиште: Пикантно, невообичаено за наше поднебје, воодушевувачки зачини, мирис на Исток… Кога се спомне твоето готвење, тоа мене ми е првата асоцијација. Но, дали можеби работите се променија? Која кујна од светот најповеќе ја преферираш и уживаш деновиве или тоа е некој твој ,,тренд” или можеби класика што ја носиш од секогаш?

Никола: Пикантно за век и векова. Хаха! Тоа најповеќе зависи од тоа за кого готвам. Ако е лично за мене, секогаш сум различен и креативен: денес јадам нешто кинеско, утре се одлучувам за мексиканско, задутре ќе виткам сарми итн… Но кога готвам за фамилијата или за пријателите гледам да тоа биде што поприфатливо за сите и да ги задоволи апетитите на секој, но и да избегнам нешто што некој не јаде, алергии итн. Работата во ресторан последниве 3 години ме научи и на златна средина кога се во прашање солта, лутото и моите мегаломански креации од минатото. Дел од омилените порции ми се суши, корејски дампли, мексикански бурита и кесадили, и секако бургери и хот-дог креации кои се најмодерни последниве години.

Шеталиште: Што ќе им препорачаш на оние кои сакаат да станат готвачи?

Никола: Секогаш да имаат публика, во спротивно ќе треба да јадат се’ самите, како мене. Хахаха… Им препорачувам да истражуваат, да експериментираат, да не се плашат, да се дрзнат да пробаат тоа што е најнеспецифично за нашето поднебје, да немаат предрасуди кон храната од различни култури и пред се да се забавуваат. Готвењето од купувањето продукти во маркетот, до миењето на сите садови е забавен процес. Сепак, јас не сум професионален готвач, јас сум само еден буцкаст ентузијаст кој антиспортскиот дух го замени со среќа во кујната и кој зад себе остави два неуспешни ТВ кулинарски проекти, се надевам дека третиот ќе го погледнете сите.

Елена Наумовски

GOLD
To Top