Новости

Интервју

Интервју со битолчанката Анета Павловска – им судеше на тениските ѕвезди на Олимпијадата во Токио

Битолчанката Анета Павловска, е една од најдобрите македонски тениски судии, која со години наназад веќе е во светскиот тениски врв. Но, неодамна, таа забележа уште еден огромен успех: Анета им судеше на тениските ѕвезди на Летните олимписки игри во Токио, а беше судија и во финалето.Минатата недела се врати во Битола. Поразговаравме со неа токму онаму каде што ги направи првите чекори во тенисот, благодарение на нејзиниот татко Златко, основачот на Академијата Павловски, каде таа работи и како тренер.

Импресиите од Токио се уште се свежи.

„Импресиите се навистина неверојатни. Да се биде дел од македонскиот тим на осум спортисти и три судии на таков голем настан е привилегија, но и одговорност да се даде се од себе да се претставиме ние и нашата земја најдобро што можеме.
Дружење заради ковид пандемијата немавме, но со Славе и Ѓорѓи се сретнавме на аеродром таму се подруживме, со играчите немавме шанса, бевме настрана заради ковид протоколите, имавме секојдневни тестирања. Уште пред да тргнеме за Јапонија имавме тестирање во Македонија, таму секој ден, моравме да ги запазиме протоколите на патување до тенискиот стадион, оваа Олимпијада беше поразлична од сите претходни. Тоа прави пристапот да биде посериозен, поголем за да го извлечеш максимумот“, раскажува Анета.

Била дел од Ролан Гарос, Вимблдон. Беше и на Параолимписките игри во Рио во 2016-та.

Анета им има судено на многу тениски ѕвезди, како што се Ѓоковиќ, Федерер, Надал, и уште многу други. Но, тие за неа се како и сите други тенисери.

„Јас започнав со судење 2011-та година и тоа по игра на случајност. На УС опен, на натпревар меѓу Ѓоковиќ и Федерер, токму тогаш реков дека ќе бидам на терен. Почнав со судење помали турнир, за во 2019 да стигнам до 30 турнири годишно, тоа се 9 месеци патување. 2016-та после добивањето на мојата бела значка во Франција, добив шанса да го судам мојот прв Грен Слем на Ролан Гарос. После тоа се некако беше полесно, се доаѓаше како награда на мојата напорна работа изминатите години. Сега не гледам кој е на терен, Ѓоковиќ, Федерер или дете од 12 години, јас сум таму да си ја одработам својата работа, а тие да си го одиграат своето.
Анегдоти со играчите немаме многу, бидејќи и немаме многу шанса да се дружиме надвор од теренот. Освен ако топчето на сакање или не сакање го удри судијата… но јас имам многу анегдоти со патувањата. Додека стигнам до Токио морам да променам 3 авиони, имам тргнато со камион за да стигнам до Париз и слични случки, вели Анета.

Таа играше активнно до 15 години, работеше како тренер, а сега е судија.

„Во 2011 се одлучив за судењето, сите три се различни, но ве учат како да бидете подобри и како да се справуавте со предизвиците на различен начин“, вели Анета.

Следна дестинација за Анета е Црна Гора каде ќе биде главен судија на помал турнир, потоа следува Словенија, Швајцарија, па се враќа во Македонија, во Скопје, каде ќе се одржи голем тениски турнир.

Анета открива дека нејзина голема желба е да биде главен судија на Вимблдон или Ролан Гарос. Ние од се срце се надеваме дека ќе и се исполни.

 

Евротип
Евротип
To Top