Новости

Интервју

Интервју со Дарко Шерденков: Фестивалот СИ-ДО е музички белег за Битола

Оваа година, еден од најреномираните детски фестивали СИ-ДО прославува 25 години постоење. Фестивал, кој стана препознатлив бренд за Битола, низ кој во текот на годините поминале голем број на дечиња. Дел од нив веќе се познати и етаблирани музички имиња во земјава. Ќе останат во сеќавање повеќе детски песни во македонската музичка антологија кои за првпат беа испеани на овој фестивал: „Супер бабичка“, „Метро и жилет“, „Рокер јас сум мила мамо“, „Споменар“, „Наташа од трето три“и уште многу други.

На почетокот на септември, славејчињата од СИ-ДО ни ја пренесоа позитивната енергија преку песните и го одбележаа големиот јубилеј на овој фестивал. По тој повод, поразговаравме со Дарко Шерденков, директор на фестивалот.

Шеталиште: Годинава го прославивте јубилејот од 25 години постоење. Што тоа значи за еден детски фестивал кој успешно се одржува последните две и пол децении? Која е историјата на фестивалот?
Дарко Шерденков: Фестивалот започна во далечната 1991 година со познатото име СИ-ДО во чест на познатиот битолски педагог и композитор Петар Сидовски. Првите години делуваа повеќе организации и пионерскиот дом во Битола, а од 2005 година под раководство на реномираниот композитор Миле Шерденков. Фестивалот СИ-ДО е музички белег во нашата држава, а посебно за градот Битола кој ја промовира и афирмира детската песна. Секоја година дефилираат над стотина деца од кои имаат произлезено многу афирмирани пејачи на македонската сцена. Денес овој музички фестивал има значајно место во културниот живот во Македонија, како и кај многу поклоници на овој вид музика, посебно кај најмладите.

Шеталиште: Изминатите две изданија беа во малку поинакви околности со оглед на ковид протоколите. Колку тоа беше предизвик да се организира и како децата ги прифатија сите тие правила?
Дарко Шерденков: Традиционално фестивалот изминативе 23 години се одржуваше во големата сала на Центарот на култура, но заради пандемијата и протоколите за заштита последните две изданија на фестивалот беа на отворено. Со многу музика и насмеани детски лица јубилејното издание на фестивалот оваа година беше на ракометното игралиште во Битола. Предизвикот беше голем, првично за запазување на сите мерки зашто беа вклучени преку стотина деца како солисти така и детски балет. Објектите каде може да се организира на отворено не се технички опремени и сето тоа ја отежнува организацијата, но сепак и овај начин не го намали квалитетот на фестивалот, напротив ни даде додатна мотивација. Кога нештото се прави со љубов и добра намера и кога се гледаат толку многу среќни деца, целта се постигнува.

Шеталиште: Хитовите на Си- До се вонвременски, живеат меѓу помладата, но и повозрасните генерации. Колку тој дух на хитови се задржува последните години?
Дарко Шерденков: Во изминативе 25 години од фестивалот СИ-ДО имаат излезено многу хитови кои се влезени во македонската антологија на детска песна и секое издание на фестивалот е проследено со аудио и видео издание. Низ сите овие години имаат поминато многу генерации на деца. Секоја генерација си има свои хит песнички, повозрасните генерации се сеќаваат на постарите хитови, новите генерации на актуелните хитови. На секое издание се запазува секоја песна да има мелодија и предпознатлив традиционален звук пропратени со модерни стилски аранжмани.

Шеталиште:Кога сме кај хитовите, кои се најголемите хитови кои ги даде овој фестивал?
Дарко Шерденков: Многу е тешко да се издвои зошто ги има многу (се смее).

Шеталиште: Дали почнавте со подготовка за наредното издание? Може ли да очекуваме новини, се разбира имајќи ја предвид ситуацијата?
Дарко Шерденков: Подготовките околу фестивалот се преку целата година разделени во неколку фази. Наредна активност која ќе следи ќе биде аудицијата за солисти која ќе започне средината на месец октомври и секое дете кое има талент ќе може слободно да се пријави.

Шеталиште: Какво е расположението кај децата за време на снимањето на песните, одржувањето на фестивалот…
Дарко Шерденков: Детскиот фестивал СИ-ДО од 2005 година има сопствена аудио продукција каде што одговорен сум јас. Прво за да се работи со деца треба да се сакаат децата и да се разбираат сфаќањата на децата. Секое дете си има посебен карактер, пред снимањето имаме период со технички подготовки се додека детето не ја совлада вокално композицијата и за време на пробите стекнуваме почит и другарски односи со цел да се опушти детето.Тогаш може да се виде среќната насмевка на детските лица исто и за време на фестивалот кој се очекува преку целата година. Покрај тоа преку годината имаме доста концерти и настапи (пред пандемијата) каде децата се дружат и разменуваат искуства.

Шеталиште: За крај, една ваша порака до децата…
Дарко Шерденков: Детската песна е наменета за децата, слушајте и сакајте ја македонската детска песна.

Евротип
Евротип
To Top