Новости

Интервју

Интервју со д-р Даниела Андоновска-Трајковска, добитник на престижната награда „Ацо Шопов“ за 2020

Добитник на наградата „Ацо Шопов“ за 2020 година која ја доделува Друштвото на писатели на Македонија е д-р Даниела Андоновска-Трајковска, за поетската книга „Математичка поезија“. Даниела Андоновска-Трајковска е поет, прозаист, книжевен критичар, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. По повод дибивањето на оваа престижна награда, поразговаравме со неа за тоа колку и значи оваа награда, за самата збирка, како и за идните планови.

Шеталиште: Колку ти значи добивањето на оваа награда?
Даниела Андоновска-Трајковска: Наградата „Ацо Шопов“ е највисоко признание за поезија што го доделува Друштвото на писатели на Македонија, а со тоа претставува една од најзначајните награди за поезија во нашата земја. Оваа награда ја добиле грандиозни фигури од македонската книжевна сцена кои оставиле траен белег во нашата култура воопшто, како што се: Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Гане Тодоровски, Радован Павловски, Анте Поповски, Катица Ќулавкова, Веле Смилевски, Братислав Ташковски и други, така што ја доживувам пред сѐ како обврска и како поттик да се надминувам себеси во секој иден проект.

Шеталиште: Колку вкупно награди имаш добиено?
Даниела Андоновска-Трајковска: Имам добиено неколку значајни награди за моето творештво и тоа: Носиде (Италија, поддржана од УНЕСКО, 2011), „Празник на липите“ за необјавена песна доделена од Друштвото на писатели на Македонија во 2018, „Крсте Чачански“ за проза доделена од „Бран“, Струга во 2019, „Караманов“ за поетската книга „Електронска крв“ доделена од Советот на 46. Караманови средби во 2019, Македонска книжевна авангарда што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје во 2020 за книгата „Куќа на контрасти“, Abduvali Qutbiddin што ја доделува книжевното списание “Book World” од Узбекистан во 2020 и оваа награда за поезија „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга објавена во 2020 која е и највисоко признание што до сега сум го добила за моето творештво, а го доделува Друштвото на писатели на Македонија.

Шеталиште: Кажи ни нешто за книгата Математичка поезија, необична комбинација која интригира. Колку лесно или тешко беше да се спојат?

Даниела Андоновска-Трајковска: Иако книгата е објавена во 2020 година, првата математичка песна ја напишав во 2015 година, а се вика „Очовечени темиња“. Во таа песна кругот станува триаголник, а неговите темиња се во динамичен однос и се трансформираат станувајќи векторски величини кои се менуваат и прават дисторзија на просторот мултиплицирајќи се и движејќи се во различни правци, а сепак се укотвени во нивните упоришни точки. Таквата персонификација во суштина го преставува човекот низ историјата кој повторувајќи се и умножувајќи се во времето и просторот станува апсолут кој се раскажува со секоја човечка животна драма која е динамична, но сепак има свое упориште во местото во кое се раѓаме и кое цел живот нѐ влече без разлика колку сме оддалечени од него. На тој начин математичкиот јазик станува лирски код, а математиката и поезијата се во симбиотичко-семантичка врска со изразена мисловност и емоционалност.
Тука точката станува симбол за прапочетокот, правата и рамнината – за спацијално-темпоралните карактеристики на човекот, геометриските фигури – за различните контексти во кои се наоѓаме и кои нѐ определуваат како личности, аритметичките операции – за човековото приближување до својата сушност преку интеракција со себе и со Другите, Фибоначиевата низа и Божествената пропорција преку бројот 1.618 станува симбол за универзалната и безусловната љубов, за човекот како биолошко, но и социјално суштество, а оттука и за човекот како естетски субјект кој ја создава и својата опредметена, но и својата духовна стварност.
Песната не е просто спојување на зборови или случајна комбинаторика, ниту пак е само резултат на когнитивен процес од повисок ред. Песната е сезнаечка и сеприсутна и треба да се наслушне, бидејќи постои и тогаш кога не е создадена. Поетот ја препознава нејзината акустика и семантика, но и нејзината просторна зафатнина, прави нејзина интро-интеграција така што се поврзува со своето Јас, но и Јас на своите културни предци откинувајќи ги зборовите од телото на јазикот, а потоа – екстра-интеграција, повторно поврзувајќи ја со надворешната опстојба на духот на тој начин што зборовите се препознаваат како да се сродни души кои не можат еден без друг. Така таа станува нешто што е сѐ во едно: естетика, идеја и емоција која се ослободува во просторот на идеите за да стане мотивиран актант – носител на предикација со бесконечна можност на импликации врз читателот.

Шеталиште: Што подготвуваш во моментов?
Даниела Андоновска-Трајковска: Во моментов работам на книга со раскази, а планирано е оваа година да излезе моја нова поетска книга и една книга со литературни критики.

Шеталиште: Кажи ни нешто за твојот опус, колку книги имаш напишано, кога е издадена првата книга.
Даниела Андоновска-Трајковска: Имам објавено 8 поетски книги и тоа: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска во издание на Матица, Скопје, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, Македонско научно друштво – Битола, 2015), „Црна точка“ (Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, 2017), „Стапалки“ (Македонско научно друштво – Битола, 2017), „Три“ (Современост, Скопје, 2019), „Куќа на контрасти“ (Матица македонска – Скопје, 2019), „Електронска крв“ (Центар за култура „Ацо Караманов“ Радовиш, 2019) и „Математичка поезија“ (Центар за култура и културолошки студии – Скопје, 2020), една збирка раскази „Кафе, чај и црвено небо“ (Бран, Струга, 2019), две меѓународни публикации за водачи во образованието (Амстердам и Скопје, 2013) и еден универзитетски учебник во 2019 година со наслов „Критичка писменост“ во издаваштво на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола каде работам како редовен професор по група предмети од областа Методика.

Во продолжение уживајте во дел од нејзината поезија:

ЖИВОТ НА ЕДНА ПРАВА
многу луѓе цел живот живеат на една права

стануваат во 6
со солени точки во очите
одат на работа во 7 и 30
со периферни агли во мислите
во 10 и 30 пијат кафе
– окото на ѕидот им ги брои
степените
во 16 се враќаат дома
– на чекор поблиску до нулата
во 17 играат пинг-понг
на трепезариската маса
– играта се умножува во огледалото
а зборовите паѓаат под дробната црта
во 18 ги кријат остатоците од своите поделени мисли
во 20 плачат по изгубениот ден и си ветуваат дека
од утре ќе почнат да дишат во повеќе од две димензии
во 22 заспиваат на X-оската пред телевизорот
во 03 се преместуваат во спалната соба
и таму ја продолжуваат правата
од една точка до друга
од една отсечка до друга

многу луѓе не знаат дека цел живот живеат
само на една права

АГЛИТЕ ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ
кога ќе узрееме како колинеарни точки
во матката на векот
и кога нултиот агол ќе си го напипа пулсот на раката
остриот агол почнува да нѐ раѓа во светот
кој нема агли – но ние тоа не го знаеме
и во сѐ гледаме искршени линии

ја измислуваме теоријата на еволуцијата
за да преживееме во централниот агол
на нашата смрт

цел живот фрламе остри агли
на највисоката планина
а потоа во рацете на Сизиф
како топки се тркаламе на подножјето
– и тогаш сите агли се на наша страна
зашто во нас се сите 360 степени
а ние токму тогаш стануваме депресивни
бидејќи од паѓањето не го гледаме кругот

СИНУС: приказна за дробната црта
1.
зборовите што не си ги кажуваме
над главата ни лебдат
како облачиња празни над дробната црта
над куќата без гласни жици
над страната која никогаш не ја покажуваме
иако в очи ѝ гледаме

2.
зборовите што ги премолчуваме
сакаме да си ги кажеме одеднаш
но се плашиме дека ќе ни го земат
тоа што никогаш не било наше

3.
зборовите што ги закопуваме
еден ден ќе проговорат и ќе ни завртат грб
и секој од нас ќе си замине во своето време
за да ја раскаже приказната на свој начин
со свои зборови и со своја крв
и не ќе можеме да излеземе од неа
над дробната црта – таа
под дробната црта – ние
затворени во триаголникот на нашите раѓања

4.
еден ден како гром ќе нѐ погоди
приказната со нашите лица
и така слепи и глуви
не ќе знаеме каде навистина живееме
во јавето или во неговиот сон

5.
еден ден и зборовите што нѐ носат под јазикот
ќе ни се одмаздат и ќе нѐ плукнат како камче
и ќе нѐ заборават
а приказните ќе живеат во други ликови
кои нема да се убиваат едни со други
за да живее смртта во нив
и тогаш ќе се измислиме пак
скриени во облачиња
над дробни црти и во неми триаголници
сѐ дури не научиме
дека не треба да ја убиваме смртта
со ГМО, замрзнати јајце-клетки и депонирани сперматозоиди

 

БИОГРАФИЈА

Даниела Андоновска-Трајковска (3 февруари 1979, Битола, Р. Северна Македонија) е поет, прозаист, книжевен критичар, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Акредитиран ментор е на магистерски и докторски студии со објавени над 100 стручни и научни трудови во референтни меѓународни публикации, учесник во значајни меѓународни образовни и научни проекти и национален обучувач за наставници. Била на повеќе студиски престои во странство и учествувала на бројни меѓународни конференции. Дел е од менаџерскиот тим на КОСТ-акцијата (COST – European Cooperation in Science and Technology) Transnational Collaboration on Bullying, Migration and Integration at School Level (EU) со седиште во Брисел како претставник на Р. Северна Македонија во кој учествуваат 38 земји членки (2019-денес).
Коосновач е на Универзитетскиот литературен клуб Дениција ПФБТ УКЛО, а иницијатор е и за создавањето на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик на Педагошкиот факултет – Битола каде активно работи на проекти од областа на книжевноста.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна и на Битолскиот книжевен круг (БКК). Член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Сега е дел од управниот одбор на Друштвото како претставник од одделението за лингвистика и литература. Главен уредник е на списанијата „Раст“ (Битолски книжевен круг) и „Современи дијалози“ (Македонско научно друштво-Битола), „Книжевни елементи“ (Перус Артис), на циклусот поетски збирки со наслов „Збор во зборот“ и на неколку монографии.
Ги има објавено следниве книги поезија: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, Матица, Скопје, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, Македонско научно друштво, Битола, 2015), „Црна точка“ (Битолски, книжевен круг, 2017), „Стапалки“ (Македонско научно друштво, Битола, 2017), „Три“ (Современост, Скопје, 2019), „Куќа на контрасти“ (Матица македонска, Скопје, 2019), „Електронска крв“ (Центар за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш, 2019) и збирката раскази „Кафе, чај и црвено небо“ (Бран, Струга, 2019). Нејзината Добитник е на меѓународна награда Носиде, Италија (2011), награда од Друштвото на писатели на Македонија за најдобра необјавена песна на Празник на липите (2018), „Крсте Чачански“ за најдобра необјавена збирка раскази (2019), Националната награда Караманов 2019 за поезија, Македонска книжевна авангарда што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје (2020) за книгата „Куќа на контрасти“, Abduvali Qutbiddin што ја доделува книжевното списание “Book World” од Узбекистан во 2020 и „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга објавена во 2020 (ДПМ). Поезијата ѝ е преведена на многу светски јазици и објавена во реномирани книжевни списанија во земјата и странство.

GOLD
To Top