Новости

Интервју

Интервју со м-р Ели Маказлиева – Автор на повеќе од 60 книги, уредник и основач на издавачката куќа за деца ЕДУКА МАК

„Кога пишувам за децата, во секој напишан стих или текст, го гледам детето пред себе! …

…Клучот на успехот е во тоа што носи радост и среќа, убавина на душата, трепет во срцето, сонце и светлина во животот.

Денес, 23 јуни 2022 на плоштадот Магнолија во Битола започнува летниот саем на книгата во организација на МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА ИЗДАВАЧИ во која членуваат поголем број издавачки куќи од државава.
Од денес па до недела битолскиот плоштад ќе го красат штандовите со книги за возрасни и деца.

Специјализираната издавачка куќа за деца, ЕДУКА МАК – единствена од ваков вид кај нас, бидејќи се занимава исклучиво со издавање на литература за деца ќе се претстави на САЕМОТ во БИТОЛА со голем број наслови: сликовници со раскази, приказни, поезија за деца, басни, квизови и друг вид едукативна литература.

По тој повод разговараме со м-р Ели Маказлиева, автор на повеќе од 60 книги, писателка, поетеса за возрасни и деца, долгогодишен уредник и оснивач на ЕДУКА МАК.

ШЕТАЛИШТЕ: Најпрво раскажете ни како почна приказната за ЕДУКА МАК?

Ели: Пред се голема благодарност до вас што не удостоивте со внимание за ова интервју и секако благодарност што сме овде во Битола на летниов саем на кој, јас како родена битолчанка многу се радувам и секоја година со нетрпение го очекувам.

Приказната за ЕДУКА МАК почна да се раскажува во почетокот на 2013 година, најпрво заради нескротливиот глас во мене, гласот на мојата специјалност – литература за деца на која теоретски (преку моето педагошко образование), практично (преку мојата долгогодишна уредувачка работа на илјадници наслови за деца), мојата природна дарба за пишување и секако желбата за создавање нешто ново за децата како и љубовта кон творештвото за деца. Со скромен почеток, со еден – два наслови растеше од година во година и денес приказната содржи над 200 наслови создадени и наменети за децата.

ШЕТАЛИШТЕ: Која е вашата таргетна група, возраст на читатели-корисници на литературата за деца?

Ели: Месечното списание за деца „СУПЕР СМЕШКА“ наменето е за децата од предучилишна возраст. За оваа група деца, имаме и најмногу наслови, едукативни прирачници, сликовници, боенки и други дидактички материјали. Имаме доста наслови наменети за деца од рана училишна возраст. Иако во помал број имаме издадено и книги за тинајџери.

ШЕТАЛИШТЕ: Кои книги можат да се најдат на вашиот штанд на саемот во Битола?

Ели: За одбележување се најновите сликовници – книги за деца како на пример: „Стефан во ДИНО ПАРК“, „Другаруваме со Лили и Вили“, „Љубопитното зајаче“, „Раскази без патокази“, „Моњо и вселенскиот брод“ и многу други.

ШЕТАЛИШТЕ: Кое е вашето мислење за интересот на публиката кон литературата за деца кај нас?

Ели: Искрено немам највисоко мислење околу ова прашање, иако кога пишувам за децата, во секој напишан стих или текст, го гледам детето пред себе, ме грее сјајот во неговите очи, неговата смеа ме скокотка низ жилите, го чувствувам трепетот во неговата душа и љубопитноста во неговиот израз. Значи децата сакаат сликовници со живи весели илустрации, сакаат книги, но колку можат тоа да им го дозволат родителите, тоа е друго прашање и бара поширока елаборација. Преку литературата за деца, се тежнее, да се развие љубовта на детето кон книгата од најмала возраст, навика која се одржува цел живот. Книгата како своевиден феномен кој носи во себе бурна фантазија, живи слики и хумор, го поттикнува и стимулира читањето кое е значајно за развојот на детската личност.
И токму затоа мислам дека поголемиот дел од родителите тоа ќе го препознаат на нашиот штанд.

ШЕТАЛИШТЕ: Кажете ни нешто околу вашите успеси, достигнувања на полето на литературата и што е за вас најголем успех?

Ели: Најголем успех според мене е најпрво да ја одбереш професијата што ја сакаш и која со љубов и страст ја работиш. Професијата и работата секогаш ми го исполнуваа животот. Ако постои љубов, пожртвуваност, мобилност, мотивираност, стремеж кон успех, духовно растење, чувство на среќа и радост, сето тоа се носи во својата професија. Привилегија е за секој човек да ја избере и да ја добие професијата што ја сака и ќе дојде до успехот по тој пат.

Благодарение на мојата голема поврзаност со литературата и педагогијата, исплетив творечко милје за најмладите. Практиката, односно моето искуство, теоријата, научните сознанија од постдипломските студии и природната дарба за пишување, направија со време од мене успешен автор и издавач во истовреме. Клучот на успехот е во тоа што носи радост и среќа, убавина на душата, трепет во срцето, сонце и светлина во животот.

Веројатно е потребно доста време за да се доживее и вкуси успехот. За секој успех потребно е многу знаење, но и многу искуство, а тоа не може никако да се постигне рано во младоста. Оптимален творечки период во животот на еден човек е помеѓу 40 и 50 годишна возраст, барем така пишува во книгите. Јас сум задоволна од тоа што го постигнав и тогаш и сега, работејќи го тоа што го сакам не задоволувајќи се со просечноста. Годините се едно, а староста на духот е друго. Човек се трансформира, созрева, учи, созадава промени. Успехот никогаш не можеш сам да го постигнеш, неминовно е некој да биде покрај тебе да те бодри, да те мотивира. И најважно од сѐ е да продолжиш да одиш, без застој, се поупорно и побрзо.

ШЕТАЛИШТЕ: Која е вашата најнова книга за деца што може да се најде на саемот на книга во Битола?

Ели: Мојата најнова книга има наслов „РАСКАЗИ БЕЗ ПАТОКАЗИ“ и според идејата и концепцијата го разоткривам детството, раскажувам низ живи тематски слики за природата, животните, растенијата, птиците и сѐ друго што не опкружува, со конкретни описи на секој зеленчук, птица, животно, низ благ хумор, со воспитни пораки и морални поуки.
Децата од рана училишна возраст може сами да читаат, а на оние од предучилишна возраст, книгата може да им се чита од страна на мајката, таткото, учителката, бабата, дедото….Текстот е проследен со уникатни илустрации, што е основата на секоја книга за деца.

Детството е време кога детето го доживува својот живот како приказна, а себеси како главен лик во неа, тоа е и време кога детето неизлечиво се вљубува во наративни уметности, во раскажување и читање приказни. Детството е време кога на детето животот му е игра и песна, време кога детето сака да игра и песнички да пее.

 

Токму затоа и оваа моја книга како и сите претходни има задача преку слушање или читање на текстот, детето да ги развива говорните и јазичните компетенции, вештини за учење, имагинација, креативност и однесување во различни ситуации, да влијае на севкупниот развој на детето, да го развива чувството за правичност и добрина, да развива самодоверба и морални вредности. Поделбата на повеќе раскази како засебни целини со заеднички карактеристики е клучот за нивно читање и препрочитување. Расказите се поделени хронолошки по месеци и периоди во текот на една година низ сите годишни времиња, како и периоди на денот: зора, утро, пладне, попладне, ноќ…. Во некои од расказите главни јунаци се животните или птиците и со внесување надреални, фантастични елементи во заплетот.

Евротип
SNBROKER
To Top