Новости

Интервју

Тортиља де патата, музика, танц и насмевки! Тарагона, скриен бисер во Шпанија – Интервју со Марија Петковска

Плејада од вкусови, страст, музика, танц, кулинарски приказни, пикантерии, фасцинантна историја. Ова е местото каде битолчанката Марија Петковска, реши да ја креира и одново создава својата животна приказна. Станува збор за Тарагона, град, скриен бисер во Шпанија.

… И така едно утро, по долго време нечуени, уживајќи во големи голтки од неизбежбо македонско кафе за кое јас од овде битолски се фалам, таа почна со нејзините импресии. Не знам дали е навистина толку убаво или можеби таа знае како да го направи тоа, но во секој случај одлучивме да ја  споделиме приказната за Тарагона со вас… 

Шеталиште: Зошто Шпанија? Како ја одбра оваа земја?

Марија: Отсекогаш сакав да одам Шпанија и да ја посетам на подолго време, но веројатно тоа време стана навистина подолго…

И кога решив да заминам, се двоумев помеѓу Англија и Шпанија бидејќи зборувам и англиски и шпански, што во секој случај е олеснителна околност. За Англија беше потешко да се добие виза за подолг престој и така, мојот избор беше Шпанија. Не знаев многу за ниту еден град па така решив судбината да одлучи каде ќе заминам. Аплицирав во различни градови и одлучив: Тој што ќе одговори прв, таму ќе одам. И ми одговорија од Тарагона.

Шеталиште: Каде се наоѓа Тарагона и која е нејзината приказна?

Марија: Тарагона е град во автономната зона Каталонија и се наоѓа на еден час од Барселона одејќи на југ, по обалата на Медитеранот. Туристички град е бидејќи привлекува многу со плажите и богатата историја. Била изградена во времето на римската империја и бил главен град на римската колонија Хиспанија. Нејзиното прво име било Тарако. Сега е град заштитен од Унеско токму поради историската вредност.

Шеталиште: Што се случува со политичкиот систем?

Марија: Шпанија е поделена на 17 автономни зони и секоја од нив си има посебна влада која нормално е поврзана со централната влада на целата земја. Тука се зборуваат два официјални јазици: шпански и каталонски. Има посебен парламент кој донесува одлуки и закони кои се во согласност со уставот на Шпанија. Инаку Шпанија е сеуште монархија на чело со крал, но сите легални одлуки ги носи владата предводена од премиерот.

Шеталиште: Кога сме во ова фантастично место, кои кулинарски приказни можеме да ги сретнеме?

Марија: Тука преовладува медитеранската диета и се разбира многу морска храна. Типични јадења се: шпански омлет (tortilla de patata) што се прави со компири и јајце и е моето омилено јадење тука, шунка (позната како најдобра во светот), тапас (како мезе, мали порции), паеља(ориз со морски плодови). Во каталонија со секоја тапа (мезе) послужуваат и леб со домат што е типично само за овај регион, а не во цела Шпанија. Во зима се прават calçots (млад кромид на скара со посебен сос кој се вика ромеско и се прави само во Каталонија).

Од десерти тука најпознат е каталонски крем. Типичен пијалок е вермутот кој се пие секогаш како аперитив, потоа сангријата, и ликер од ориз или од тревки кои се пијат како дигестиви после јадење…

Ох, ги има толку многу, тоа е плејада од вкусови, незаборавна кулинарска приказна, но да не се зазборувам… Апетитот веќе ни се отвори! 😊

Шеталиште: Какви се жителите таму? Пријателски ли се настроени?

Марија: Шпанците се многу топол народ и секогаш се весели и насмеани. Според моето искуство, секогаш сум се чувствувала прифатено, секогаш се подготвени да ти помогнат и се многу отворени.

Шеталиште: Има ли многу македонци во Шпанија?

Марија: Овде во Тарагона мислам дека сум единствената хехе. Ама имам сретнато на аеродром други македонци што живеат појужно од Тарагона пример Аликанте или Валенсија. Сепак, не би рекла дека има многу голем број македонци општо во Шпанија.

Шеталиште: Каков е животот во однос на финансискиот дел?

Марија: За финансискиот дел, не е скапа држава. Со тоа сакам да кажам дека се заработува доволно за да можеш да живееш добро и да си дозволиш многу работи па и да заштедиш.

Шеталиште: Како се забавуваат младите?

Марија: Има многу разновиден ноќен живот. Во однос на тоа е слично како Македонија. Шпанците се многу опуштени и друштвени, па баровите и рестораните се секогаш полни.

Шеталиште: Ќе ни кажеш ли некои посебни поздрави, изречици, типични реченици за тамошните жители.

Марија: Типични поздрави се нормалните: hola-здраво и adios (или adeu на каталонски), vale (нешто како важи кај нас или ок), tela marinera (кога нешто е многу комплицирано), quien madruga, dios le ayudа (кај нас е кој рано рани две среќи граби)

Шеталиште: Танцот и Терагона.

Марија: Во Тарагона како и во секој град во Шпанија има денови кога се слават празниците на тој град. За Тарагона се 19ти август кога се слави San Magi i 23ти септември кога се слави Santa Tecla. Празнувањата почнуваат една недела претходно и има многу културни настани како концерти и претстави. Но најтипичниот танц тука во Каталонија се вика Сардана и се танцува слично како македонското оро. Освен танцот, музиката, типична глетка во Каталонија се човечки кули (замок од луѓе).

Тука секогаш има нешто од културен карактер, не само за деновите кога се празници. Најмногу се концерти но исто така се организираат изложби, посети на музеи, интерактивни работи за деца, организирани екскурзии или спортски натпревари.

Тука некаде се крие и моето ново хоби,па токму поради тоа што доаѓаат многу туристи, добив идеја да организирам тури и да им ја раскажам историјата и фасцинантните легенди од градот. Турата трае околу два часа и туристите ги водам на прошетка низ стариот дел од градот и центарот, застанувајќи на најважните места.

Остана уште една голтка од кафето, а од слушалката се слушна поздрав до следно видување. Па зошто да не во Тарагона? Навистина било убаво!

Подготви: Елена Трпковска Наумовски

Евротип
SNBROKER
To Top