Новости

Интервју

Димитар и Љубица: Уметноста и естетиката секогаш треба да бидат присутни во нашите животи како највисока вредност на човечкото опстојување

Димитар и Љубица Солак. Единствени, ретки, извонредни. Двајца дипломирани ликовни уметници. Луѓе со вистински вредности, кои уште еднаш не потсетуваат дека љубовта, добрината, уметноста и естетиката се основен фундамент, двигател во светот. Љубовта кон животот, кон партнерот, кон уметноста. Тие се брачни партнери, но партнерството го делат и за уште едно нешто, а тоа е исполнувањето на нивниот сон наречен:„Ателје Солак”.

Нивниот уметнички стил на живот, ќе претставува дострел за сегашните, а и идните генерации. Но, во цел тој процес, ако додадеме малку од шармот на нивната креативност, нивниот извонреден и воодушевувачки талент кој е постојан во процесот на константната работа, целото станува сè. Тие се едноставно сè во уникумот! Совршен микс од талент, креативност, темперамент, нескротлива енергија, експресионизам, љубов, а и реализам…Тие се пикантен колорит, труд и докажан успех.

Си поправивме малку муабет за нивниот свет и еве што ни открија на нашите прашања и љубопитност што не натера да ѕирниме во нивните уметнички души.

Шеталиште„Животот е уметност, уметноста е живот!“ Истражувајќи што се крие во оваа реченица, најпрво би започнале со ентериерот на вашето атеље, вашиот дом. Колку е тоа фасцинантна приказна? Да живееш во она што од секогаш си го замислувал дека ќе го работиш. Ако би ни дозволиле да се изразиме така. Мораме да го споменеме нашиот прв впечаток. Мирис на џез музика, испреплетена со звук кој се слуша низ потегот на четката врз платното. Романтично, креативно, неодоливо катче. Кажете ни нешто повеќе околу уникатноста на вашиот амбиент во домот и истоврмено вашата работилница. Дозволете ни да влеземе во вратата и да ја почувствуваме приказната од каде што започна магијата што ги избегнува стереотипите на стандардниот дом?

Димитар и Љубица: Нашиот дом, нашето Ателје  е проект кој се развиваше повеќе години, а можеби и од секогаш сме ја носеле во нас идејата  и желбата  да  создадеме простор  кој истовремено ќе биде и дом и ателје во кое ќе можеме да  создаваме, креираме и да се пронајдеме себеси. За нас, домот не значи само место во кое ќе живееме или ќе поминуваме најголем дел од времето, туку како уметници неопходен ни е простор кој колку е можно помалку да не ограничува, и физички и ментално во нашата работа.

Ателјето навистина е проект во кој е внесено  многу  размислување, планирање, продлабочување на знаење од областа на архитектурата, обликувањето, на внатрешниот и надворешниот дизајн, искористување на материјали кои се на располагање, традицијата на урбанистичките градби  во местото каде живееме, но и следење на трендовите и карактеристиките на  модерниот дом, надополнет со многу креативност, работа, посветеност, финансиски средства и прилагодување на просторот. Малку е тешко сите овие работи да ги споите во едно и сепак да извлечете максимум, но ние можеме да речеме дека успеавме во тоа.

Ателје Солак е пример како со многу работа, креативност и љубов може да се создаде простор кој во себе ја задржува приказната на урбаното егзистенционирање, што е пример за рециклирање и употреба на природни материјали, има тенденција кон минимализмот, едноставноста, и над сето тоа е практичен – отворен простор со многу светлина.

Сето ова го создава надворешниот и внатрешниот амбиент кој се трудиме секогаш да делува релаксирано, да зрачи со убава енергија исполнета со нашите дела каде посетителите и нашите пријатели  ќе уживаат и ќе се чуствуваат во поинаква просторна димензија.

Шеталиште: Ателјето ,,Солак” официјално започнува во 2005 година, но нешто пред тоа, вие сте работеле како ,,тандем”. Кажете ни нешто повеќе за вашите искуства во тоа време и кои беа Димитар и Љубица во тоа време?

Димитар и Љубица: Тандемот Диме и Буба заедно работат уште од студентските денови. Од 2000 година сме во Битола и активно учествуваме во уметничкиот живот на градот и пошироко. Во првите години повеќе бевме ангажирани во голем број на проекти од реставрација и конзервација за заштита на културното наследство. Едни од поголемите и за нас драги ангажмани, се работата на конзервација и реставрација на мозаиците на Плаошник – Охрид  и тоа неколку години по ред, реставрација  на сликарство и фасадите на објекти од централното градско јадро и Широк Сокак и ангажмани на проекти со националните музеи за реставрација и конзервација на икони, фрески, работа на приватни збирки итн. Следно би го издвоиле членувањето во неколку уметнички асоцијации, но и честа да бидеме претседатели во неколку мандати на ДЛУБ и претседател на управниот одбор при Завод и Музеј Битола. Сите овие години е инволвирана континуирана работа на индивидуални, групни изложби, уредување на простории, објекти, приватни нарачки низ Македонија и надвор, вклучување на процесот на ликовно педагошка едукација во образовниот процес и во ателјето.

Шеталиште: Вашето атеље и звучното име ,,Солак” се истакнува на многу натпревари и соработки. Би ни откриле ли некои од тие престижни достигнувања и ќе ни кажете ли кон што се концентрирате во моментот? Дали можеби се подготвувате за некој натпревар?

Димитар и Љубица: Како автори, постојано сме во натпревар со времето, со желба да бидеме актуелни, во контекст на времето кое го живееме и уметноста која ја создаваме. Што се однесува до натпреварите, како можност да биде забелжан нашиот квалитет… Да, сме биле добитници на повеќе награди и признанија, сме учествувале на  многубројни  настапи, семинари, домашни и меѓународни конкурси.

Сега не радува и фактот што нашиот син Константин  преку наградите кои ги добива, го најавува своето присуство на креативната сцена.

А планови и ангажмани имаме постојано, и се наоѓаме во период на наша продукција кога многу повеќе сме барани отколку потребата да се наметнеме. Цела ова ситуација годинава за жал не спречи да реализираме и неколку значајни меѓународи проекти на кои бевме поканети, а ги имавме и најавено.

Шеталиште: Кои се вашите ученици? Имате ли посебен таргет кој би доаѓал на часови во атељето, па според вашето искуство, има ли денес ентузијасти, има ли жар во нашата држава и дали некој што е тотален лаик, може да го посетува вашето атеље? Дали цела оваа бајка понекогаш би можела да се сфати како еден вид ,,арт терапија”?

Димитар и Љубица: Од  2015 година, во овој амбиент, официјално ателјето  има курсеви за цртање, сликање и моделирање, а брои и повеќе од шеесетмина членови кои ги посетиле овие курсеви, од различна возраст и интерес во групи. Дел од тие членови континуирано доаѓаат сите овие години. Секако дека меѓу нив има членови кои се истакнуваат со нивната креативност, желба и интерес кон ликовната уметност и значаен број  од овие членови своето образование го продолжија и на факлутетите за уметност, дизајн и архитектура во Македонија и надвор.

Шеталиште: На што ги учите вашите ученици? Ќе ни откриете ли дел од техниките и знаењето што им го пренесувате нив и колку време трае еден едукативен час?

Димитар и Љубица: Термините за посета на часовите се двапати неделно, со времетраење од 90 минути, период кој е доволно да се развие цртеж, слика, или концепт за понатаму. Во рамките на овие часови, покрај творечкиот дел, паралелно се одвива и теоретизирање за уметноста, историјата на уметност, философија на уметност, естетика итн. Освен цртањето, сликањето и моделирањето, во план и подготовки сме преку проекти да развиеме и работилници за мозаични техники.

Со оглед на ситуацијата преку индивидуални часови, моментално сме посветени да им излеземе во пресрет на оние ученици кои сакаат да се подготват за своето образование да го продолжат во средното уметничко училиште и факултетите за уметност. Уметноста ја има моќта во нас да ги препознава највисоките хуманистички вредности, ние ги подучуваме нашите членови, уметноста да стане дел од нивното секојдневие и начин на живот, бидејќи настојуваме тие да се развијат во подобри, покреативни и попрофесионални личности, без разлика дали ќе го насочат својот интерес кон оваа или било која друга област.

Шеталиште: Како го организирате времето за да престигнете се? Апро по, има ли уметност во „фуриозново“ време кое го живееме?

Димитар и Љубица: Уметниците се во постојана борба со времето, барем ние така се чувствуваме. Но, во таа постојана борба секогаш ја издвојуваме надежта дека на крај делата ќе го победат времето. За жал ова е време кога уметноста  е лишена  од квалитет, деградирана од страна на системот кој најавуваше ,,елитна и високо интелектуална“ уметност, но некако како да таа… Можеби егзистира  некаде со празни муабети на бирократско  невладино пиење кафе во институциите  на државата која се откажа од сите нас и е импотентна да создаде нова реалност.

Македонската ликовна уметност моментално е во илегала и тлее во слободни територии како Ателје Солак и слични  на нас.

Шеталиште: ,,Никогаш немој да ти ја одземат уметноста што е во тебе!” – во една прилика рече Димитар. Совет, кој не би можел да се заборави особено од оној кој го има тој порив во себе.  Би се откажале ли вие од овој сон, за некоја друга реалност која нуди поинаков стандард и материјални благодети, во некое друго за вас незамисливо место од картата на светот? Во, контекстот, кои би биле Димитар и Љубица ако не беа овие? Ако би пробале повторно да се измислите, што би правеле?

Димитар и Љубица: Димитар и Буба би биле истите само би го надополниле и би го надоградиле своето знаење со многу повеќе уметност и многу музика, музика… и многу музика, филм, фото… Но, не би менувале нешто многу и не би живееле многу поразлично од оваа реалност. Во текот на овие години активна работа и творештво, сме имале прилика да настапуваме и да присуствуваме на настани надвор од Македонија. Сме ги разгледувалеле приликите за таму и не дека не сме дошле во искушение да продолжиме на некое друго место… Сме размислувале, вистина е. Меѓутоа  надвладеала мислата дека нашата уметност, антејски се рани од тука од ова поднебје и оваа култура, иако секако ние со нашата уметност го користиме универзалниот јазик и оттука сме свесни за нашата вредност во неа.

Шеталиште: Според вас, што се случува со Градот на Конзулите? Остана ли уметност во него или пијаното веќе одамна ги исвири своите ноти?

Димитар и Љубица: Градот на Конзулите е во длабока „дремка“. Всушност  пред нас ги живееме циклусите на подеми и падови  и за жал моментално сме во длабоко паѓање, најчесто предизвикано од неколку фактори, меѓутоа за нас, сега се пресудни факторите знаење, свест и менаџирање на културно – економските потреби на населението. Она што беше препознатливо за Битола како културно економски центар во минатото и еден од градовите на македонската интелектуална мисла, за жал денес од властите е тотално деградирано, разобличено и идентитетски „осакатено“, а ние како луѓе ќе треба  сериозно да  размислиме за вредностите кои сакаме да ги живееме.

Шеталиште: За крај, што би им препорачале на Битолчани, на сегашните и на новите генерации? Кој е вашиот став и вашето заедничко мото за оваа пиедестална ,,нирвана” и живот кој го сонувате со отворени очи? Кој е рецептот за и во овие луди времиња да знаете да живеете и да творите во љубов?

Димитар и Љубица: Поаѓајќи од нашето лично искуство, на прашањето што е она што нас не изградило како личности и континуирано  присутни, би одговориле дека е токму големата посветеност кон желбите и амбициите и потребата да се работи и создава, а сето тоа е нешто што на крај го оформило нашиот карактер и идентитет.

Уметноста и естетиката секогаш треба да бидат присутни во нашите животи како највисока вредност на човечкото опстојување и тие… Тие секогаш наоѓаат начин да се пробијат и низ најтемните векови. И ќе наоѓаат и понатаму. И ќе се пробијат. Сè останато е кич.

GOLD
To Top