Новости

Интервју

Преку креативност до едукација – интервју со професор Живка Танушева Ицаноска

Живка Танушева Ицаноска е професорка во СОУ „Таки Даскало“ од Битола, која ни ја раскажа креативната приказна што се случува во текстилната насока во нивното училиште.

„Преку креативност до едукација“ е нејзиното водечко мото. Уметничката аспирација, Танушева, несебично и умешно ја споделува со учениците кои од своја страна, нам не изненадија со воодушевувачки креации и резултати. Поразговаравме со Ицаноска, која ни раскажа за нејзината работа со учениците и за нивниот неверојатен талент.

Шеталиште: Колку игра улогата денешното брзо живеење и многуте обврски надвор од наставата врз креативноста и талентот на вашите ученици деновиве?

Ж.Т.И: Секојдневните обврски не се пречка за креативноста на учениците. И кога не се на настава, нивното секојдневие е исполнето со активности од сферата на уметноста, креираат и творат во домашни услови.

Шеталиште:  Колку од учениците планираат да се насочат кон оваа струка во иднина откако ќе завршат средно образование?

Ж.Т.И: Со реформираните програми во стручното образование, текстилната струка нуди многу можности. Моментално, во нашето училиште СОУ „Таки Даскало“ Битола се застапени следните квалификации: техничар за дизајн на облека, техничар за изработка на облека и конфекционер со тригодишно обрзование. Во текот на образованието, учениците имаат можност да се стекнат со знаења од областа на дизајнот, цртање и сликање, обликување, конструкција и моделирање на облеката, па преку практичната настава своите идеи да ги реализираат во готов производ. Моментално имаме неколку ученици кои своето образование планираат да го продолжат на факултетите за дизајн на облека во нашата земја и да отворат свои модни студија.

Шеталиште: Со што се занимава и што изработува текстилната насока?

Ж.Т.И: Учениците, преку скицирање на дизајни, конструкција и моделирање, кроење и шиење, своите идеи ги изработуваат во готови производи за време на практичната настава. Овие изработки се претставуваат со реализација на модни ревии.
Се дизајнираат и изработуваат модни додатоци, кои ја надополнуваат облеката, како што се чанти, паричници, футроли за мобилни, накит од различни видови текстилни материјали и со примена на везење, техника која на дизајнот му дава уникатност.
Учениците имаа уникатно искуство да изработат и дел од костимографијата за детската претстава „Дедо Мраз во трговскиот центар“ на Студио дел Арте.

Шеталиште: Со кого сте соработувале досега?

Ж.Т.И:  Поради креативноста и иновативноста на текстилниот смер, соработките со локалната заедница се неизбежен дел и ја надополнуваат практичната настава на учениците. Досега имаме реализирано соработки со:
– Зaвод музеј на Град Битола и етнолог Наде Геневска Брачиќ. Учениците учествуваа во работилници за везење со цел да се зачува и продолжи културното наследство од македонскиот народен вез.
-Организација на жени- Битола
– Здружение на граѓани за ретки болести ,, Живот со предизвици“. Со активности и изработки на учениците, учествуваме во кампања за подигање на јавната свест за ретките болести.
-Завод за рехабилитација за деца со оштетен слух ,,Кочо Рацин“ Битола. Учениците од текстилната насока, на работилници и дружење со децата од заводот, изработија дизајни од рециклирачки материјали.
-Преку соработката со Црвен Крст-Струмица и модното студио ¾ од Битола, рачно изработените новогодишни украси со везени мотиви на учениците од текстилната насока, ги красеа нивните простории за новогодишните празници.
Со тим составен од ученици од текстилната насока, учествуваме и на натрепаворот Trash Fashion во Скопје. Тука се и ликовните конкурски, на кои учениците често учестваат со свои дела.

Шеталиште: Во соработка со здружението ,,Живот со предизвици“ за подигање на јавната свест за ретките болести, вие реализирате одредени активности. Ќе може ли да ни кажете нешто повеќе околу тоа?

Ж.Т.И:  Февруари, како месец со редок број на денови е посветен на лицата со ретки болести. Во светот постојат над 6000 ретки болести и за само 5% од нив има третман. Луѓето со ретки болести и нивните семејства се исправени пред големи предизвици. Нивната борба е неизвесна и секојдневно се соочуват со огромни проблеми: ненавремена дијагноза, скапи третмани, незаинтересираност на фармацевтските компании за развивање на нови терапии, социјално дистанцирање…. На светско ниво, фамилијата на ретките брои околу 300 милиони членови, а 70% од ретките болести се појавуваат во детството.
Во соработка со здружението „Живот со предизвици“ втора година по ред реализираме активности, со кои нашите ученици се запознаваат со ретките болести, и со сите предизвици со кои се соочуваат пациентите. Целта е кај децата да се развие што поголема емпатија, внимание, почит, помагање, љубов.
Едукацијата ја спојуваме со практичната настава. Учениците, преку изработка на маички и заштитни маски во боите на ретките, ја даваат својата поддршка, и учествуваат во подигање на колективната свест и грижа за другите.

Извонредната работа на професорката и нејзините ученици останува да сведочи за креативниот однос кон светот, кој можеме да го откриеме преку уметничкиот практичен пристап и пракса кои ги избегнуваат стереотипите на класичното учење. Оваа приказна не потсети уште еднаш дека ваквиот пристап кон учениците, креативноста, тимската работа и желбата се фундамент за раѓање на одличен производ на кој ние уште долго ќе се восхитуваме.

GOLD
To Top