Новости

Интервју

Професијата и хобито во совршен баланс – Интервју со Ирина Кузевска

Не чекор помеѓу храброста и честа да се биде жена, некаде помеѓу уметничкиот порив и креативноста, желбата, амбициозноста, волјата и адреналинот како нивни закоравен пријател, ја запознавме оваа инспиративна млада девојка која низ неколку прашања и релаксиран битолски муабет на Широк Сокак, ни дозволи да станеме барем еден малечок момент од нејзината приказна.

Ирина Кузевска – девојка со брилијантна насмевка и младалечки дух кој уште еднаш ни покажа дека светов е многу лесно да го освоиме доколку веруваме во тоа чудо, кое не ретко се наоѓа во нас. Само треба да го запознаеме, прифатиме и бодриме.

Шеталиште: Која е Ирина Кузевска?

И. К.: Уф…ова е ми е многу тешко прашање – вели Ирина пиејќи голема голтка кафе и се чини дека се подзамислува, но не на начин како да не знае што да каже, туку како да го каже сето тоа одеднаш. Ние веднаш ја почувствувавме разиграноста, позитивната енергија и нејзиниот темперамент и едвај чекавме одговори. Таа продолжи. – …Која e Ирина?! Повеќе се Хаха. Сонце и месечина, црно и бело, вага и стрелец.  Сакам уметност во секаква форма, сакам адреналин, а истовремено сакам и стабилност. Сите спротивности ме прават да сум личност што сака многу разнолики нешта.

Шеталиште: Ќе ни кажеш ли кон што цели оваа девојка во моментов? Што работиш?

И.К.: Работам како специјалист за човечки ресурси во ИТ компанија конкретно „Аксапта Мастерс“ . Целам кон тоа што повеќе да се усовршам и да го користам целиот потенцијал и на кариерно поле и секако на уживање во слободно време. Сепак финишот или крајната цел, е денот да ми биде успешен, убав, да се сите мои добри и на број.

Шеталиште: Екипата од Шеталиште и нашите читатели сме љубопитни околу твоето хоби. Кажи ни нешто повеќе за него. И што вели Ирина… може ли хобито да стане кариера? Ти успеваш да ги балансираш работата и хобито. Како?

И.К.:Имам повеќе од едно хоби, верувам оти мислиш на моделингот кој ми беше професија пред 10тина години, а сега ми е пасивно хоби. Може да стане професија секако доколку на хобито се посветуваме 100%. На пример кога би се посветила на аматерските слики кои ги правам многу ретко, досега ќе имав и посериозна изложба но ќе биде и тоа. Сакам да имам и нешто плус, што ќе биде надвор од мојата секојдневна професија. Сакам да учам нови рабoти, сакам спорт, сакам стрелаштво. Еве, најново е што работам на изложба за кучиња и како љубител на кучиња тоа ме прави среќна. Балансот може да го направи секој, само доколку има желба да ја избегне монотонијата. Јас сум од тие личности кои едноставно не можат да се чувствуваат удобно во ист и монотон свет, па можеби токму затоа секогаш имам одредена „занимација“ во слободно време.

Шеталиште: Според тебе, го прават ли жените она што го сакаат или живееме во свет каде можеби сме приморани да ги следиме најновите ,,трендови”?

И. К.: Сметам дека веќе излеговме од ТОЈ период… Жените се повеќе заземаат сериозни позиции дали на работни места, во политика, го кажуваме своето мислење, се бориме за правата… Но, сепак… Има места во светот каде што изгледа дека е потребно уште време за да се добие таа битка од страна на жените. Апро по, изгледа е потребна дополнителна борба за да постои таа почит.

Но сепак, според мене, секоја жена која е своја и си ги знае своите вредности, не би требало да има потреба воопшто некогаш да биде принудена на нешто или да следи некаков си тренд.

Шеталиште: Чекаме нешто повеќе за моделингот. Не сме задоволни од малку… – велиме ние со љубопоитна насмевка – Соработки, достигнувања, успеси. Кој беше твојот последен проект?

И.К.: Моделингот ми е старата љубов што ми фали од време на време и се појавува од време на време и баш внимавам што и како прифаќам од аспект на ангажман. Последниот проект беше со Роберт Билбилов за неговиот нов музички спот, новата песна со наслов „Никаде не те наоѓам“. Роберт ми е пријател одамна, но песната е супер и тоа ми направи уште поголем „ќеиф“ да ја прифатам соработката. Одличен тим, убава енергија.

Почетокот на мојата кариера како модел беше секако во Битола. Сè се случи во Метрополис – Битола каде што менаџираше Илија Талев и токму ова име е главниот виновник за многу мои достигнувања, како и еден од моите најблиски пријатели. Посебен драг успех ми е насловната страна на „Теа Модерна“ на која се појавив само на 17 години. Беше забавно и смешно истовремено, затоа што носев перика поради мојата несредена кратка фризура која сама ја стилизирав. Многу модни ревии, многу фотосесии, тоа е незаборавен дел од мојот живот и секако моето учевство во нашата прекрасна македонска серија „Преспав“ каде се појавив како статист во 2 сезони.

Шеталиште: Што треба да поседува една жена за да биде успешна?

И.К.: Амбиција! Но, пред таа да стане реална пред целта, зборувам за амбицијата за учење. Работа и храброст да чекори онаму каде што повеќето не би! Самодовербата пак, од своја страна, се создава сама како последователна „алатка“ на успехот. Но, за да стигнеме до него, треба да сме способни да учиме, да се носиме со грешките и да бидеме свесни за сите наши силни и слаби страни. Една жена треба да инвестира, во нејзиното знаење, а потоа да научи да ги користи вештините што ги научила.

Шеталиште: Има ли убавината дефиниција и формула?

И.К.: Не сакам формули. Би рекла дека НИШТО НЕ МОЖЕ да надмине или засени УБАВА ЕНЕРГИЈА – тука не важат формули нити правила. Во денешно време толку многу е нагласена само надворешната убавина каде 20 годишни девојки „инвестираат“ во филери за усни, наместо во образование. Голотијата и вулгарноста се најприсутни и за тоа ми е жал, така што физичката убавина според мое мислење е само површно нешто кое е релативно и за мене не ја заменува суштината на личноста. Јас лично кога сум среќна сум си најубава 😊

GOLD
To Top